Објава за отуѓување земјиште наменето за изградба на хотели и деловни простории во Центар
Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање, со намена за изградба на хотелски комплекси и деловни простории во општина Центар, предвидени со Детален урбанистички план за дел од Спортско-рекреативен центар „Кале“, Блок 2.
- Станува збор за две градежни парцели, наменети за изградба на хотелски комплекси кои се со површини од 2.350 и 374.2 метри квадратни, чија почетна цена на електронското јавно наддавање ќе изнесува 61 денар од метар квадратен и една градежна парцела, наменета за изградба на деловни простории која е со површина од 2.447 метри квадратни и почетна цена на јавното наддавање од 6.000 денари од метар квадратен, информира Министерството за транспорт и врски.
Пријави за учество на наддавањето може да се достават најдоцна до 26 септември на интернет-страницата www.gradezno-zemjiste.mk. Јавните наддавања ќе се одржат по електронски пат на 30 септември 2014 година.
Право на учество имаат физички и правни лица кои ги исполнуваат сите критериуми утврдени во распишаната јавна објава. Целосниот текст на јавните објави може да се прочита на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски www.mtc.gov.mk.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа