150 деца од Велес заминаа на климатска рехабилитација на Пелистер

Во организација на Здружението на родители за грижа за здраво поколение во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Велес по 13. пат утрово од Велес за Пелистер заминаа 150 деца основци, кои заедно со уште 50 деца од селото Возарци, од денеска до 11 август ќе престојуваат на воздушна рехабилитација на чист воздух на Пелистер.

Како што информира Иванка Андова претседател на ова здружение, децата веќе се пристигнати во Детското одмаралиште на Пелистер се сместиле и сите добро се чувствуваат.

Тие во наредните осум дена ќе престојуваат во првата смена на чист воздух заедно со своите другарчиња од кавадаречко Возарци кои се од исто така загадена средина.

- Целта на оваа планинска рехабилитација е децата од Велес каде и покрај неработењето на Топилницата последиците по здравјето се се уште присутни, да престојуваат на чист воздух во Пелистер во што многу ќе се подобри нивното здравје, рече таа.

Во втората смена која почнува на 11. август, на Пелистер од Велес на чист воздух ќе престојуваат уште сто деца и уште по 30 деца од Осломеј Кичевско и Миладиновци од Општина Илинден, а кој е во близина на рефинеријата Окта.

Инаку, за нивниот престој на планина на Пелистер, половина од цената за престој односно 50 отсто за сите деца ги обезбедува Министерството за животна средина и просторно планирање, а останатата половина во минимален износ од 3.300 денари ја плаќаат нивните родители.

04.08.2014 - 13:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега