ФФМ се огласи по инцидентот во Битола

Фудбалската федерација на Македонија остро го осудува инцидентот кој се случи на натпреварот Пелистер - Вардар.

- Сметаме дека станува збор за крајно неразбирливо, нерационално однесување на поедници од навивачката група на ФК Вардар, кои со своето однесување го доведоа во прашање животот на поголемиот дел од поддржувачите на клубот и придонесоа да се фрли „црна дамка“ врз еден фер и спортски натпревар, вистинско македонско дерби, со кое стартуваше новата сезона во домашниот шампионат, истакнуваат од ФФМ.

Околу организацијата на дербито во Битола ФФМ соопшти дека заедно со двата клуба сториле се што е потребно овој натпревар да биде празник на фудбалот во Македонија.

- За жал и покрај сериозните подготовки и ангажирање на клубовите, локалната самоправа, Министерството за внатрешни работи и Федерацијата, сепак во последните минути натпреварот беше искористен за манифестирање на насилничко и недолично однесување на поединци од навивачка група, со што сами се класифицираа во хулигани, кои не ги интересира спортот и спортскиот натпревар. Спроти почетокот на фудбалскиот шампионат, ФФМ организираше работилница со комесарите за безбедност на клубовите од Првата и Втората лига на тема „Безбедност и сигурност на фудбалските натпревари“ и укажа од потребата од почитување на насоките и кодексот кон кој се стреми ФФМ во однос на прашањето за безбедност на натпреварите, потенцира ФФМ.

ФФМ апелираат на строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела, за да може да се решат проблемите како што се хулиганизмот и насилството во спортот.

04.08.2014 - 14:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега