Иванов се закити со Наградата за слобода: Македонија е позитивен пример во регионот

Претседателот Ѓорѓе Иванов се закити со награда за слобода на Карловиот Универзитет во Прага од Фондот за американски студии, со седиште во Вашингтон. По доделувањето на наградата тој истакна дека тоа е доказ дека Македонија е пример во регионот како треба да се спроведуваат реформи.

- Оваа награда не е само чест, туку и обврзува. Обврзува да се промовираат идеите за слободата, за демократијата и за просперитет. Оваа награда не е само лично за мене, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, сите зафати, сето она што го прави Македонија за да има успешна економија. Сите реформи што се преземени даваат резултати и тоа некој го следи и го наградува. Така што, Македонија во тој поглед, и преку ова награда, е позитивен пример за регионот како треба да се спроведуваат реформи во сферата на економијата, за да се добие што повеќе благодет и што повеќе работни места да се отвораат за младите луѓе, проблем што не е само наш, туку и на целиот континент, изјави Иванов во Прага.

Во образложението на наградата од Американскиот институт за политички и економски системи на Фондот за американски студии се вели дека претседателот Иванов е одбран да ја прими наградата поради неговите постигнувања во промоцијата на економските слободи, намалувањето на данокот и невработеноста, зголемување на транспарентноста и подобрување на јавното образование.

- Претседателот Иванов предводеше политички реформи, што доведоа до подобрување на судскиот систем, промовираа транспарентност и ја намалија корупцијата. Овие политички и економски реформи ја доведоа Македонија поблиску до исполнување на стандардите за пристапување во ЕУ. Во полето на регионалната соработка на политички и економски план, претседателот Иванов значително ги прошири дипломатските врски на Македонија, одржувајќи над 200 билатерални средби со шефови на држави и повеќе од 150 средби со премиери и шефови на дипломатии, рече Вилијам Бил Хибл, претставувајќи ја наградата за претседателот Иванов.

Престижниот фонд, со седиште во Вашингтон, формиран во 1967–та година,  организира програми за студенти од САД, Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка чии што интереси вклучуваат сфери како политички лидерства, новинарство, надворешни работи, бизнис итн.

05.08.2014 - 11:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега