Легализирани 100.000 дивоградби

 

Речиси 100.000 семејства досега добија правен статус за своите дивоградби и имотен лист. И покрај можноста за легализација, што стартуваше пред три години, институциите на терен се уште регистрираат нови дивоградби. Клучен датум за оние кои досега не ја легализирале својата градба или не ја комплетирале документацијата е крајот на следната година до кога треба да се достават потребните геодетски елаборати.  Во спротивно, според најавите од општините, барањата за легализација ќе бидат отфрлени, а дивоградбите отстранети. Крајниот рок за заокружување на целиот  процес за легализацијата е септември 2017.              

Од март 2011 до септември 2011 година, согласно Законот за постапување со бесправно изградените објекти, до општините беа поднесени 360.000 барања. До почетокот на месецов во Катастарот се запишани 95.656 легализирани објекти. Со добивање на имотниот лист, што е последната фаза од целиот процес, сопственикот може да тргува со својот имот или да го стави како залог во банка за добивање кредити. Со легализацијата на објектите граѓаните се стекнуваат со правото да ги откупат и дворните места по цена од евро за 1 метар. Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште од април оваа година се овозможи и оваа категорија граѓани да имаат право по легализација на објектот и да ги решат и имотно-правните работи за земјиштето. 

Најмногу барања за легализација беа поднесени во Скопје, и тоа во општините Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и Чаир, а по главниот град следуваат Куманово, Прилеп и Штип.

Во Гази Баба, каде беа поднесени околу 16 барања, досега се издадени околу 2.500 решенија за легализација. Околу 2.900 предмети за легализација се решени и во Кисела Вода, каде имаше 11.872 барања. Во Штип, пак, од поднесени 10.467, решени се околу 4.500, а во Радовиш општинските власти изготвиле 1.200 решенија за легализација, од вкупно 4.350 барања. На подрачјето на општина Маврово-Ростуше, од доставените 3.775 барања за легализација на бесправно изградени објекти решени се повеќе од илјада.

Клучен проблем на кој укажуваат институциите постојано е некомплетирањето на документацијата за легализацијата со потребните геодетски елаборати. Решение за  тој проблем за социјално ранливите категории граѓани  најави државата.  Подготвени се законски измени со кои за 34.000 приматели на социјална помош и 5.000 приматели на парична помош  се подобруваат условите за легализација, со ослободување од трошоците за геодетски елаборати.

По службена должност премерот на недвижностите и изработката на елаборатите ќе ги врши Агенцијата за катастар на недвижности. За да можат да ја користат владината мерка граѓаните приматели на социјална и постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа, а оние со ниски примања до 168.000 денари годишно потврда од Управата за јавни приходи, а потоа можат во подрачните одделенија  на Агенцијата за катастар  на недвижности да поднесат барања за бесплатен елаборат за легализација. Општините ќе водат  регистар  за поднесени барања за легализација во електронска форма.  Лицата од социјално ранливите категории кои ќе ги легализираат објектите нема да го изгубат правото на социјална и постојана парична помош.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на територијата на Македонија лани се регистрирани 1.275 бесправно изградени објекти.

Прегледот на статистика покажува дека во 2013 година се евидентирани најмногу дивоградби во Скопје, 484, по што следат Охрид со 94, Струмица 73, Прилеп 43, Штип 41, Липково 40, Струга 35, Куманово 31, Чашка  и Дебар со по 27, Тетово 21, Кичево и Кочани со по 20.....  Најголем број бесправно изградени објекти (98,3 проценти) се во приватна сопственост. 

Нелегално се изградени 247 објекти за домување (19,4 проценти), 174 доградби, надградби  и адаптации (13,6 проценти), 108 деловни објекти (8,5 проценти), 100 гаражи (7,8 проценти), 201 ограда (15,8 проценти), 13 скалила (1 процент), 105 настрешници (8,2 проценти), 126 времени објекти (9,9 проценти), 132 помошни објекти (10,4 проценти), 58  тераси (4,5 проценти) и 11 летни тераси (0,9 проценти). 

МИА

06.08.2014 - 09:21
Фото: 
економски
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега