Ѓорѓиев: 20 вработувања дневно на млади до 29 години со владината мерка
Благодарение на владината мерка за ослободување од плаќање на придонеси на работодавачите кои ќе вработат млади лица до 29 годишна возраст, до сега се вработиле вкупно 2.883 лица од кои 45 се магистри или доктори на науки, 742 вработени се со високо образование, пет со вишо, 1.718 со средно и 373 со основно образование. Ова денеска го изјави владиниот потпарл, Александар Ѓорѓиев и потенцираше дека оваа мерка дава исклучително позитивни резултати.
-Ако се земе в предвид дека мерката е на сила некаде 140 денови, доаѓаат по 20 вработувања дневно што е исклучително добар и позитивен резултат. Ова е добра можност за сите претпиемачи и бизнисмени коишто сакаат да вработат кадар да ја искористат, затоа што на тој начин ќе доведат до заштеда на своите трошоци по однос на плати во висина од 37 отсто, односно 10 проценти персонален данок и 27 проценти од придонесите и на тој начин тие средства коишто ќе ги заштедат да можат алтернативно да ги употребат во развој на својот бизнис, да остварат двострана корист и за својата компанија и за приходите коишто се остваруваат, а од друга страна и да вработат лица што е основна и приоритетна цел на Владата на Р.Македонија, истакна Ѓорѓиев.
Инаку, во периодот додека таа е на важност 1.735 компании побарале вработување на 3.004 лица, од кои што 2.883 се веќе вработени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа