Во Прилеп се бара седиштето на кралот на Пелагонците

Седумнаесет члена македонска археолошка експедиција, од кои 11 археолози врши ископувања на врвот Висока на Селечка Планина на 1.470 метри надморска височина.

Според директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ ова е капитален проект и трет пат, но и најобемен да се истражува на Висока.

- Досега два пати, но само по неколку дена, се истражувало на Висока. Ова е најобемно едномесечно истражување. Станува збор за фантастичен град на околу 2 хектари кој има одбранбен ѕид што датира од доцната антика, но има и внатрешен дворец изграден од огромни камени блокови, кој пак, според конструкцијата на блоковите датира од раната антика, од 4 век пр. н.е. На Висока се наоѓаат остатоци од еден висок горни град кој поседува владетелски карактеристики. Човекот што го подигнал, што го утврдил, не бил обичен човек. Најверојатно бил владетел. Наше е да откриеме дали биол владетел на локална територија, на некое кнежевство, или бил владетел, како што претпоставуваме, на целото Пелагонско кралство, кралството на Пелагонците кое егзистирало некаде 5,4,3 век пред н.е, вели Лилчиќ.

Со истражувањата од предходните години, главно се откриени: керамика, садови, фрагменти од садови, доста монети.

- Тие монети укажуваат на една хронологија од Филип Втори па се до византискиот цар Јустинијан во 6 век од новата ера. Има монети на македонскиот крал Антигон-Гонат, монети на Деметриј, монети на раните македонски градови Анфиполис, Тесалоника, на Пела, има монета на римскиот цар Нерон, монети од 4 век, од 6 век на византиските цареви Јустинијан Први и Втори, па дури и монета од средновековниот период, од 12 или 13 век. Ова покажува континуитет на цивилизирано градско живеење на оваа позиција, објаснува Лилчиќ.

Според Дејан Кебакоски, археолог од Институтот за старословенска култура од Прилеп, кој ја предводи експедицијата, сите се возбудени зашто се откриваат внатрешни ѕидови и монети.

- Овие истражувања се насочени концелосно откривање на надворешноста на раноантичкиот ѕид, а еден дел од тимот работи во внатрешниот простор на акрополата каде е откриен ѕид од раноантичкиот период кој исто така е изграден со големи камени блокови. Пронајдени се 15-ина доцноантички монети, пронајдена е една раноантичка монета, една малоазиска фибула и поголем број фрагменти од високолуксузна црнофирнисана керамика, вели археологот Кебакоски.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ кој деновиве ги посети археолозите на Висока, прецизира дека нови отркитија многу се значајни. Бронзената монета, посочува, што е сега пронајдена е на македонскиот крал деметриј Први кој владеел во 3 век пред нашата ера. Пронајден е рановизантиски клуч, тег за мерење златници,керамичен пирамидален тег за ткаење на разбој. Луксузната керамика е донесена од Атика.

- Од она што го имаме горе на Висока отркиено и од ова што сега го откриваме со оваа најнова и најобемна експедиција што ја предводи м-р Дејан кебакоски од Институтот за старословенска култура од Прилеп, ќе го потврди нашето убедување дека се работи за кралот на Пелагонците. Дворецот, главно датира од 4 век пр. н.ера, тогаш е изграден и се согласува со споменувањето на кралот на Пелагонците од 365 година пр. н.е. Интересно е дека што предокот на Пелагонците се споменува во Илијадата на Хомер, вели Лилчиќ.

Пред околу две години археолозите истражуваа во подножјето на Висока, на 600-700 метри каде целосно е откриена кралската гробница.

- Таму откривме остатоци од голем ѕид за кој претпоставуваме дека била зимската палата на кралот кој во периодот на студените месеци се спуштал во подножјето, рече Лилчиќ.

Комплетното истражување на археолошката експедиција на Висока ќе трае еден месец и експедицијата е на половината од истражувањата.

MIA

11.08.2014 - 11:19
Фото: 
канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега