Богата заплена на македонската Царина

 

Изминатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење на стока, при што се запленети девизи, златен накит, рачни часовници, текстилни производи, медицински скалпери, модни додатоци и др. Откриени се и три царински измами.

Задржана е следната стока:

Девизи, златен накит и часовници

- 12 илјади евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при личен претрес на албански државјанин, кој со патничко моторно возило со албански регистарски таблички се пријави за излез од државата. На прашање на царинските службеници, патникот одоговори дека со себе носи 10 илјади евра, но при личниот претрес, во неговите џебови и паричникот пронајдени се вкупно 22 илјади евра, за кои не поседуваше потврда за внесени готови пари, издадена од царински орган на Република Македонија. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.

- 1 кг и 131 гр златен накит и 12 рачни часовници, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин и контрола на неговиот багаж. Патникот, кој пристигна со лет од Истанбул, се определи за поминување на зелениот канал, но беше селектиран за детален преглед. Притоа, во внатрешноста на неговите лични работи (чевли и панталони) и во кутија за лекови се пронајдени повеќе кесички со накит и часовници, додека при извршениот личен претрес, во внатрешен џеб од панталоните и во џеб од неговата кошула, пронајдени се уште неколку кесички со златен накит, меѓу кои 163 прстени, 33 алки, 33 синџирчиња, 46 приврзоци, 66 обетки, 3 игли за кравата и 12 рачни часовници.

Облека и модни додатоци

- 255 парчиња облека (костими за капење, кратки пантолони, пижами и тренерки), 1.068 модни додатоци (спортски капи, прстени, обетки, синџирчиња, нараквици, стегачи и венчиња за коса) и 91 рачни часовници, откриени во соработка со полициската служба на граничниот премин Деве Баир, при заедничка контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во повеќе кеси и вреќи сместени зад возачкото седиште, на задното седиште и во багажниот простор на возилото.

- 694 пара чорапи, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, извршена на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, во близина на село Франгово. Чорапите, за кои возачот, македонски државјанин, не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во две картонски кутии, едната сместена на задното седиште, а другата во багажниот простор на возилото. 

Друга стока

- 5.000 медицински скалпели, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените скалпели биле пронајдени во картонска кутија, сместена во багажниот простор на возилото.

- 30 пластични шишенца од 10 мл со течност за електронски цигари ИННОВАТИОН ФЛАВОУРС, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на стока-електронски цигари и делови за истите, со потекло од Бугарија, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.

Царинска измама

Во текот на минатата недела откриени се и 3 обиди за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Во два случаи на царинската испостава Штип и во еден случај на царинската испостава Делчево-отсек за стоково царинење, фирма од Пехчево пријавила за увозно царинење суровина за производство на огноотпорни производи, декларирана во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%.

Во сите три случаи, поради сомневање во правилното распоредување на стоката, земени се мостри и испратени на анализа во Царинската лабораторија. Анализите покажаа дека суровината треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 18% и стапка за ДДВ од 18%. 

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во вкупен износ од околу 483 илјади денари.

18.08.2014 - 12:28
Фото: 
економски
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега