Се модернизира електронската поврзаност на државните институции
Поврзувањето на државните институции по електронски пат за размена на документи и податоци во иднина ќе биде модернизирано и проширено со надградба на Системот за интероперабилност.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на прес-конференција посочи дека тоа ќе значи поедноставување на административните постапки и воведување на електронски административни услуги.
- Огласот за јавна набавка за модернизација, проширување и адаптирање на Системот за интероперабилност е објавен на 25 јули оваа година и ќе биде отворен до 9 септември, до кога заинтересираните фирми ќе можат да поднесуваат свои понуди. Првичната цена која е предвидена за реализација на проектот пред одржувањето на електронската аукција изнесува 70 милиони и 150 илјади денари, рече Ивановски.
По евалуацијата на понудите ќе следи и електронска аукција со негативно наддавање и намалување на цените.
Со новите решенија системот ќе биде надграден во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување, фондовите за здравствено осигурување и за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за транспорт и врски, Управата за водење на матични книги, Министерството за економија, Министерството за животна средина, Управата за имотно правни работи, Градот Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Основниот Суд 2 и Управниот Суд.
Ивановски посочи дека за оваа цел исто така треба да бидат надградени и постоечките веб портали на овие институции.
- На самиот портал треба да има можност за додавање дополнителни институции, како и кориснички улоги за администратори, службеници итн, додавање параметри по основ на барање, додавање сервиси, привилегии за корисниците, можност за повикување на сервис преку графички интерфејс со приказ на резултати и можност за преземање на резултатите во PDF и XML формат, информираше Ивановски.
Порталот треба да обезбеди визуелен приказ на извештаи за трансакции, логови и слично. Институциите што немаат можност да ги интегрираат сервисите во својот систем, како што речер, можат да го користат веб порталот за со едноставно најавување да ги користат преку графички интерфејс. - Веб порталот мора да обезбеди унифициран начин на комуникација, што подразбира криптирање на пораките, дигитален потпис, обезбедување ревизорска трага и временски печат на трансакција, на ист начин како и за комуникацискиот клиент.
МИОА преку ИПА 2010 доби средства за набавка на опрема и надградба на Системот за интероперабилност за што огласот за јавната набавка е објавен на 12 август и трае до 13 октомври оваа година. Со овој проект ќе бидат опфатени 15 институции. И тоа МИОА, Управата за водење на матични книги, МВР, МНР, основните судови Скопје 1 и 2, ФЗОМ, МОН, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, ДЗС, МАРнет, делови на Царинската управа, МТСП, ДИК.
- Со надградбата на Системот за интероперабилност се стремиме кон што помалку негативни страни, олеснување на начинот на работа на вработените и запазување на временските рокови за извршување на предметите, со една крајна цел – граѓаните да бидат целосно задоволни од услугите што ги нудат, рече министерот Ивановски.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа