Започна уписот на Државниот Универзитет во Тетово
Државниот универзитет во Тетово во академската 2014/2015 година ќе прими вкупно 5310 студенти, од кои 2690 редовни студенти во државна квота, 2225 редовни студенти со кофинансирање на студиите и 395 вонредни студенти, информираше денеска на прес-конференција Фехри Рамадани, проректор за настава на ДУТ.
Уписот за прием на кандидати во првиот рок на ДУТ почна денеска и ќе трае до 22 август. Според Рамадани, уште денеска, на почетокот на уписниот рок, интересот е многу голем.
- Освен на сите академски единици во Тетово, нови студенти ќе бидат примени на факултетите во Гостивар и Куманово, како и на дисперзираните студии во Скопје, Куманово и Кичево. Во Дебар и Струга дисперзираните студиски програми во оваа академска година ќе паузираат согласно уписната политика која ја има нашиот универзитет и долгорочната стратегија на Министерството за образование и наука за дисперзираните студиски програми, рече Рамадани.
На првиот уписен рок, исто така, може да аплицираат и кандидатите кои се заинтересирани да ги продолжат своите студии во рамките на Проектот 30/35. На факултетите во кои и по првиот уписен рок ќе останат непополнети места ќе се објави дополнителен конкурс за упис на студенти на додипломски студии.
Рамадани рече и дека раководството на Универзитетот навремено ги направило сите неопходни подготовки за уписот на студентите да се одвива ефикасно во сите академски единици на ДУТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа