Повисоки плати и пензии за подобар стандард

 

Од октомври годинава, административците ќе добиваат за 5 проценти повисоки плати. Се прави нагорна корекција на примањата, финансирани од државната каса, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, анализира Лидер.мк.

-Водиме здрави макроекономски политики и ќе успееме да го реализираме даденото ветување пред граѓаните, а тоа е зголемување на платите во јавниот сектор, почнувајќи со платата за месец октомври, а следната година повторно ќе ги зголемиме и пензиите. Верувам дека со ваквите политики ќе успееме во Македонија да ја задржиме макроекономската и фискалната стабилност, а граѓаните да бидат задоволни. Додека другите земји превземаат непопуларни и тешки мерки кои што го влошуваат стандардот на граѓаните, ние успеваме да се справиме со сите предизвици на кризата и да обезбедиме реален пораст на примањата на граѓаните, финансирани од Буџетот, објаснува првиот човек на Министерството за финансии, Зоран Ставрески.

За разлика од нашиот северен сосед, наредната година повторно ќе има покачување на пензиите. Највозрасната категорија граѓани од март зема за 5 проценти повисоки пензии, линеарно зголемени за 600 денари. Вкупно, над 3.5 милијарди денари легнаа на сметките на 284.878 пензионери. Сега, просечната пензија е за 62 процента повисока, споредено со 2006-та година.

„Не е којзнае колку, ама ќе имаме повеќе пари за лекови, за храна“

„Добро е што ни се покачија пензиите оти и цените одат нагоре. Мора економично да се живее, да се штеди“

„Јас не се жалам. И сопругот мој зема пензија. Доста ни е за нас двајцата, ни стасуваат парите“ – велат дел од пензионерите со кои поразговаравме во скопскиот Жена – парк.

-Со зголемувањето на пензиите во март годинава, просечната пензија изнесува 12.445 денари, што претставува зголемување од 62 процента во однос на 2006 -та година, кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари. Со ова сме единствената земја, не само во регионот, туку и и во Европа, која успеа во тешки времиња, кога се чувствуваат последиците од кризата, не само да ги заштити пензионерите, да не се зголемува старосната граница и редовно да се исплаќаат пензиите, туку и да се изврши зголемување на пензиите, посочуваат од Министерството за финансии.

Разликата кај најниската пензија е уште поголема. Сега таа изнесува 7.620 денари, за разлика од 2006-та, кога била 4.330 денари, што процентуално, претставува зголемување од 76%. Раст од 30% има и кај највисоката пензија, од 27 илјади на 36 илјади денари.

Извор: Лидер

20.08.2014 - 09:55
Фото: 
новамакедонија
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега