Изградбата на станови во подем - бизнисот тежи повеќе од 300 милиони евра
Над 300 милиони евра изнесуваше пазарната вредност на станбената изградба лани. Градежните компании Адора, Настел, Импексел, НЃ Инженеринг, Модинг, Иммпорекс, Соравиа, се јавуваат како главни играчи во градежната експанзија што се случува во земјава, особено во изградба на станбени комплекси, анализира Лидер.
Уште пред две години, влезот на странската инвестиција во градежништвото, изградбата на облакодери и трговски центар во скопски Аеродром од страна на турската компанија Џеваир Холдинг, го најави продолжението на градежната експанзија во главниот град во следните две години. Се проценува дека инвестицијата ќе вреди близу 300 милиони евра, а ако се земе предвид податокот дека лани толку пари чинеше вредноста на сите изградени станбени објекти, станува јасно дека годинава во градежништвото ќе се свртат многу повеќе пари од лани.
Прогнозите на агенциите за недвижности се дека во Македонија и годинава ќе продолжи трендот на изградба на резиденцијални станбени комплекси, значително ќе се зголеми понудата на деловен простор, граѓаните ќе бараат сè поквалитетни станови, но нема да има некоја голема промена на цените на недвижностите.
Лилјана Ковачева, претседателка на Здружението на агенции за недвижности, неодамна изјави дека во моментот цените на становите се стабилизираат и во иднина не се очекува понатамошно намалување, ниту пак зголемување.
-Сега може да се каже дека Скопје има евтини станови но никако не може да се каже дека се најевтини во регионот затоа што во Бугарија на пример може да купите неверојатно евтини недвижности. Иста е ситуацијата и во Грција каде буквално на море може да купите стан по цена од 1.000 евра за метар квадратен, вели Ковачева.
Градежништвото оствари историски највисока стапка на раст од 33 проценти лани, пред сè како резултат на зголемените јавни инвестиции финансирани од буџетот. Тоа овозможи реализација на стотици капитални проекти, но и создаде работа за домашните фирми од градежништвото, индустријата и услужните дејности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа