Иста униформа за сите - основците од Аеродром во тренд со западноевропските врсници

Учениците од Оснвните училишта во Аеродром, денеска завршија со распределувањето на комплетите со новата училишна униформа, која учениците од 1 септември задолжително треба да ја носат на училиште.

На овој начин ќе се подигне чувството на еднаквост меѓу децата во врска со начинот на облекување, истакна градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски при посетата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче.

- Целта на оваа наша активност ни е дечињата да бидат еднакви во начинот на облекување и повеќе да се насочат на образованието, односно да се натпреваруваат кој повеќе знаење има, истакна Коневски.

Општината ваквиот проект ќе ја чини седум милиони денари кои ги обезбедени од општинскиот буџет. Додаде дека Општината секоја година ќе набавува училишни униформи за сите деца од прво до осмо одделение.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски ја поздрави активноста на општина Аеродром за, како што кажа, прекрасната иницијатива да се обезбедат училишни униформи за сите ученици од општината.

- Станува збор за еден исклучително квалитетен тренд што постои во голем број западноевропски земји каде што, пред се во приватните, но и државните училишта, се обезбедуваат униформи за учениците, рече Ристовски.

Според него, ова има повеќе значајна димензија, покрај хигиенската, и социјалната  е многу значајна во овој процес. Тој упати апел и до другите општини кои имаат можност да го следат примерот на општина Аеродром.

Училишната униформа, која ќе ја носат 6.000 основци од Аеродром, се состои од сиви пантолони, бели блузи и тегет елеци со амблем на кој е извезено логото на Општина Аеродром и името на училиштето. Девојчињата имаат можност да одберат здолниште или пантолони, а родителите имаат можност да купат и дополнителни парчиња од училишната облека. 

25.08.2014 - 14:35
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега