Македонија ќе создава работни места и ќе привлекува странски инвестиции

 

 

Финансиската зона во Република Македонија, чие формирање се предвидува со еден од нацрт-амандманите на Уставот, ќе привлекува банки, инвестициски фондови и корпорации по примерот на Луксембург. Не станува збор за никаква оф шор зона туку обратно за зона со високо меѓународни стандарди, истакна денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

- Не станува збор за зона по примерот на оф-шор дестинациите во светот каде што се овозможува за даночни потреби да се регистрираат компании, банки и инвестициски фондови и слично, кои немаат освен таа регистрација никаква поврзаност со дестинацијата во која што се овозможува нивната регистрација и nемаат вработен, рече вицепремиерот, кој присуствуваше на Комисијата за уставни прашања, која ги изгласа нацрт-амандманите на Уставот.

Ставрески појасни дека финансиската зона е замислена на еден поинаков начин, како концепт во насока на искористување на трендот во меѓународните финансии каде што меѓународните банки и инвестициски фондови бараат дестинации каде што ќе го минимизираат трошокот и ќе го минимизираат ризикот.

- Тоа, додаде, е ситуација која настана посебно по светската економска криза и која Република Македонија треба да ја искористи бидејќи има географска локација која е извонредно поволна во Европа, даночни поволности што во моментов ги нуди за фирми кои работат во слободни зони и на сличен начин би биле дефинирани во оваа финансиска зона и  квалитетната работна сила која може да одговори на потребите на една финансиска зона. На тој начин би имале корист во две насоки: прво, во насока на етаблирање на РМ во меѓународната финансиска мапа како дестинација во која што би работеле меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации и второ, креирање на работни места што во случајов би биле работни места со повисока додатна вредност, односно работни места што ќе креираат и поголем ефект врз БДП на РМ, истакна Ставрески. 

Појасни дека во зоната би се привлекувале меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации што сакаат да ги искористат поволностите на даночни олеснувања што ги дава Македонија, но притоа ќе бидат обврзани да се етаблираат на територијата на РМ, односно да не биде само регистрирање на компанијата, туку и да имаат назначено директор, вработувања и слично.

- Значи нешто по примерот на Луксембург во Европа каде што постои идентичен тип на финансиска зона, односно Луксембург е целата територија прогласена за таква финансиска зона бидејќи е мала земја. Но, Луксембург веќе станува скап. Таму правните, консултантските и другите услуги стануваат исклучително скапи и тоа е шансата на Република Македонија. Во исто време и во Швајцарија заради промените во финансиската регулатива се оневозможува веќе регистрирање на сите банки што порано се регистрираа во Швајцарија, така што тоа е просторот што ни се создава и каде што ние би сакале Македонија да може да се вклопи, во мапата на центри на земји каде што има финансиски центри за вакви меѓународни корпорации, истакна Ставрески.

Во зоната ќе се применуваат високи стандарди од аспект на приливот на капитал, што, како што рече министерот за финансии, значи дека нема да се дозволува прилив на нечист капитал или капитал кој не доаѓа од извори што се верификувани.

Потенцира дека нема грижа дека станува збор за формирање оф-шор центри, додавајќи дека тие се повеќе во замирање бидејќи има силен притисок од САД и европските земји за тие центри да не можат понатаму да го работат она што досега го работеле.  

Според министерот ефектите се многукратни. - Покрај ефектот врз БДП, се очекува ефект за креирање  работни места и тоа за лица со соодветно образование во делот на економијата, во делот на правото, во делот на сметководството, во делот на давање услуги за вработените таму и слично, рече Ставрески. Посочи на пример дека во Луксембург 25 проценти од БДП се создава од вакви финансиски услуги, посочи тој, каде се регистрирани над 3.840 инвестициски фондови, а креирани 44.000 работни места.

- Зоната ќе се формира со закон кој исто така ќе биде предложен од Владата и донесен од страна на Собранието на РМ каде што сите овие основни рамки ќе бидат преточени во законски одредби и на тој начин ќе овозможиме да се создаде уште еден центар на креирање на работни места и на привлекување странски капитал што ќе ја етаблираат РМ на соодветно место на финансиската мапа во Европа и во светот, изјави Ставрески.

Формирање финанскиска зона е еден од седумте нацрт-амандмани на Уставот, што денеска беа усвоени од Комисијата за уставни прашања. 

МИА

25.08.2014 - 15:01
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега