Наумче Мојсовски се враќа против Татран Прешов
Македонскиот ракометен шампион Металург новата сезона ја почнува со натпреварот од СЕХА лигата против Татран Прешов во Скопје. По паузата поради повредата добиена токму на дуел од ова натпреварување против Вардар, во тимот се враќа капитенот на Металург Наумче Мојсовски кој пропушти поголем дел од ланската сезона.
- Подготвен сум за настап. Во договор со тренерот Лино Червар го пропуштив турнирот во Струга и затоа едвај чекам утре да излезам на терен. Имаме квалитетен состав, со искусни и млади играчи, каде главна цел ќе ни биде успешно да ја минеме групата во Лигата на шампионите и да влеземе во елиминациските натпревари. Сакам да почнеме со победа, но нема да биде лесно, Татран ни создаде големи проблеми во СЕХА-лигата, но ќе дадеме се од себе за тоа да не се повтори и сезонава, истакна на денешната прес-конференција Мојсовски.
За тренерот Лино Червар оваа сезона ќе биде почеток на нов проект бидејќи клубот три години од квалификации стигнува до нокаут натпреварите од Лигата на шампионите (двапати и меѓу осумте најдобри), со тоа што оваа сезона ќе бидат прескокнати квалификациите. Затоа борбата останува на сите „фронтови“.
- Во Лигата на шампионите ќе биде исклучително тешко, но ќе се бориме и ќе одиме на победа на секој натпревар. СЕХА лигата ќе ни послужи за уигрување. Го поддржуваме овој проект и оваа лига, која секоја година е се подобра, а ќе чекаме и на нивни легитимитет во европски рамки. За домашното првенство можам да кажам само дека го респектираме Вардар, но ќе направиме се титулата да остане кај нас, изјави Червар.
Натпреварот Металург – Татран Прешов се игра утре во 20:15 часот и е по барање на СЕХА лига и првакот на Словачка, кој следниот викенд ќе настапува во квалификациите од Лигата на шампионите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа