Скопјанец се обидел да прошверцува 100.000 евра на Табановце
Царинските службеници спречија обид за нелегално внесување на 90 илјади евра и 28.300 дански круни на граничниот премин Табановце. Парите биле пронајдени кај скопјанецот О.Р., кој вчера попладне на граничниот премин пристигнал со автобус, но на меѓуграничниот просторот одлучил да слезе од него и да ја помине границата пеш.
Полициски службеник го прашал дали има нешто да пријави, а тој рекол дека со себе носи само личен лап-топ. При преглед на неговиот ранец, во два бели коверти, цариникот пронашол 100.000 евра и 28.300 дански круни.
Против О.Р е поведена прекршочна постапка и му се вратени 10.000 евра, износ што според Законот за девизно работење може слободно да се внесе, а останатите 90 илјади евра и 28.300 дански круни (околу 4 илјади евра) се одземени.
Од почетокот на годинава откриени се 42 обид за нелегално пренесување преку граница на готови пари и хартии од вредност во различни валути, во противредност од околу 430 илјади евра, од кои 330.390 евра, 44.000 американски долари, 90.900 швајцарски франци, 13.700 бугарски лева и 28.300 дански круни. Покрај ова одземени се и чекови во противвредност од 99 илјади евра.
ФОТО: Кајгана