Груевски: Новата сала на УКИМ ќе ги задоволи потребите на студентите

На универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кај комплексот факултети денеска почна изградбата на нова спортска сала, со капацитет од 1.100 гледачи и под трибински простор, кој ќе биде искористен за теретана и фитнес.

 

Вредноста на проектот е околу 154 милиони денари или приближно 2,5 милиони евра, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и е дел од проектот на Владата за изградба на 35 спортски сали преку Агенцијата за млади и спорт.

На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, ректорот на УКИМ Велимир Стојковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски.

Спортска сала, според Груевски, ќе биде приспособена да се користи за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, пинг-понг, гимнастика, боречки спортови и сите останати дисциплини поврзани со физичкото образование и спортот на студентите, вклучувајќи и активнсоти од културен карактер.

- Ќе ги задоволи потребите на сите студенти кои без разлика на студиите што ги изучуваат заслужуваат простор во кој ќе спортуваат и ќе се рекреираат, рече премиерот, додавајќи дека мулти функционалната салата треба да биде готова најмногу за две години. 

Изградбата на овој, како што рече, голем капитален спортски објект е од големо значење за УКИМ, со што ќе се надмине еден голем децениски проблем на Универзитетот. 

- Ова е време кога во Македонија се градат спортски сали и други спортски објекти секаде каде што е потребно и неопходно. Во сите градови, училишта, универзитети каде што постоеше можност и потреба да се изгради спортска сала е изградена, во тек е на градење или во наредните години ќе се гради, подвлече Груевски.

Во рамки на УКИМ, со средства од Владата изградена е спортската сала на Факултетот за физичка култура, каде е предвидена изградба на уште една. 

Со изградбата на салата, како што истакна Пујовски, непречено и во иделани услови студентите и универзитетските тимови, ќе ги одржуваат своите тренинзи, но и ќе имаат можност да бидат горди домаќини на гостински екипи од странство. 

ФОТО: МИА

најчитано сега