Последни подготовки на ракометарите пред ЕП во Данска
Ивица Обрван денеска ќе го има првиот собир со машките ракометни репрезентативци на Македонија, во пресрет на решавачките мечеви од квалификациите за ЕП во Данска 2014 година со Швајцарија и Португалија. Повикани се 15 ракометари од домашното првенство, (Металург 10 и Вардар Про 5) и седумина интернационалци.
Во репрезентацијата се вратија Радослав Стојановиќ и Никола Стојчевски. Стојановиќ по конфликтот со селекторот Иле Темелковски од Светското првенство во Хрватска 2009 година повторно добива повик.
Познато е дека на стартот од подготовките нема да се појави голманот Борко Ристовски, кој во сабота игра натпревар од последното коло на Бундес лигата.
Македонија до крајот на квалификациите ќе одигра уште два натпревара, на 12 јуни во Цирих со Швајцарија и на 16 јуни во Скопје со Португалија. За да се обезбеди пласман на ЕП потребни се две победи и притоа Португалија дома да загуби од Шпанија.