Беличанец-Алексиќ додели нови 30 решенија за легализација во Кисела Вода

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ денеска додели нови 30 решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што бројката на вкупно решени предмети за легализација достигна 1.456 предмети

Од вкупно регистрираните 11.871  дивоградба за кои е поднесено барање за легализација во Општина Кисела Вода, 4.984 предмети се во административна постапка, а 5.295 предмети се незапочнати, односно се со нецелосна документација  поради недостаток на геодетски елаборат.

Трите општински комисии што ја спроведуваат работата на терен, секојдневно работат на делот што опфаќа проверка и констатирање на фактичката состојба во која се наоѓаат дивоградбите. Една комисија дневно поминува од 20 до 40 објекти во зависност од нивната местоположба.

- Правилниот урбанистички развој и утврдувањето на вистинскиот правец за уредување на просторот по мерка на граѓаните е врвен приоритет во работата на општина Кисела Вода. Скоро 50 отсто од станбените единици во Кисела Вода се подведени согласно новиот Закон за легализација на дивоизградени објекти, како нелегални, информира Беличанец - Алексиќ.

Таа ги повика граѓаните кои се уште не ја комплетирале целосно потребната документација, тоа да го сторат што поскоро, како би можеле во најкраток можен рок да ги легализираат своите дивоградби. Истовремено, ги потсети сите правни и физички лица на кои им е изготвена Урбанистичката согласност, во најкраток можен рок да го платат надоместокот, за да може да се продолжи постапката за изготвување на Решенијата за легализација на објектите.

- Денешната приказна за доделување на 30 решенија за легализација е успешна и се надевам дека во следниот период со истото темпо ќе го решаваме процесот на легализација во нашата општина, нагласи Беличанец - Алексиќ. 

МИА

најчитано сега