Слободните зони ќе отвораат најмногу работни места
Паралелно со растот на производството, индустријата продолжува да ангажира се повеќе работници.
Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на работниците во индустријата во периодот јануари- јули годинава, во споредба со истиот период лани, е зголемен за 6,9 отсто. Во јули споредено со истиот месец во минатата година е регистрирано зголемување на бројот на работниците во индустријата за 6,3 отсто. Најголем раст од 8,2 отсто во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период лани е забележан кај вработените во секторот преработувачка индустрија, пишува Дневник.
Она што влева оптимизам е дека најголем раст на бројот на вработените е забележан кај преработувачката индустрија. Најмногу работни места во рамките на овој сектор отвориле производителите на моторни возила, приколки и полуприколки, односно според статистика во јули оваа година кај нив бројот на работници се зголемил за 227 отсто споредено со истиот месец лани. Овој раст пред се се должи на работниците кои се ангажирани во фабриката на белгиската компанија „Ванхол“, која во технолошко- индустриската развојна зона во Скопје лани почна да произведува автобуси.
- Оваа бројка е само уште еден показател дека странските директни инвестиции стануваат носители на економската активност во земјата. Во однос на билансот на отворени работни места во зоните, во 2012 година имало 1.270 вработени. Минатата година е завршена со 2.500 вработени, а оваа година само од компаниите позиционирани во зоните ќе има над 3.500 вработувања. Бројката на вработени идната година ќе биде драстично зголемена, бидејќи се очекува реализација на проектите на компаниите кои ги потврдија своите инвестиции во изминатиот период, вели за Дневник, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Во делот на преработувачката индустрија, голем раст на вработеноста има во текстилното производство (37,8 отсто), производството на електрична опрема (37,4 отсто) и на мебел (10,3 отсто). И овие вработувања во најголем дел се должат на странските инвестиции во слободните економски зони, каде што се отворија неколку фабрики за текстил и за електронски автоделови. Најголем пад на вработените има во производството на кожа и тој изнесува 42,1 отсто.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2014 година во споредба со истиот месец лани бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 4,8 отсто, капитални производи за 96,9 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 6,3 отсто, кај нетрајни производи за широка потрошувачка е на исто ниво, додека опаѓање бележи кај енергија за 5,1 отсто.
Дневник пишува и дека јавните инвестиции во инфраструктурата исто така креираат вработувања. Во изградба се три автопати Kичево- Охрид, Демир Kапија- Гевгелија и Скопје- Штип и се реконструира автопатот од Велес кон Скопје. Во тек е обнова или проширување на неколку магистрални и регионални патишта. За изградба на овие патни правци во моментов се ангажирани околу 760 работници, а се планира идната година бројката да се зголеми до 2.200 работници.
Индустриското производство во јули порасна за 5,9 отсто во споредба со истиот месец во минатата година, а индексот во периодот јануари - јули годинава, во споредба со истиот период лани бележи раст од 4,7 отсто. За експертите и бизнисмените, тоа е добар показател, кој најавува позитивни трендови во индустријата и во иднина.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство најмногу бележи раст во преработувачката индустрија- 10,4 отсто, како и кај производството на интермедијарни производи, освен енергија - 5,5 отсто, кај капитални производи - 47,6 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка - 5,2 отсто, а опаѓање бележи кај енергија - 8,8 отсто и трајни производи за широка потрошувачка - 9,2 отсто. Пад на производството има и во секторот рударство и вадење камен - 12 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа