Една главоболка помалку за земјоделците - АД Водостопанство во државна сопственост

 

Со Предлог-законот за формирање на АД Водостопанство во државна сопственост земјоделците очекуваат дека наводнувањето во Р.Македонија ќе биде многу поефикасно иако веќе постојат некои водни заедници кои работат доста добро, истакна денеска Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци кој присуствуваше на Јавната расправа за овој предлог закон.

Шаклев посочи дека водостопанствата и водозаедниците не треба да се плашат за својата иднина бидејќи со самиот закон е предвидено зголемување на бројот на вработените и ефикасноста на наводнувањето.

-Досега навистина имавме голем број на проблеми и затоа со промената на овој закон очекуваме да бидат надминати сите проблеми, потенцирше Шаклев.

Новоформираното друштво ќе ги преземе дејностите кои се во надлежност на досегашните водостопански претпријатија со што ќе се централизира работењето.

Владата веќе објави дека согласно формулираната стратегија за водостопанство се планира еден доста обемен и амбициозен инвестициски циклус на полето на водостопанството, во висина од инвестиции од најмалку 20 милиони евра годишно за овие потреби на модернизација и развој, и тој циклус најефективно и продуктивно би можело да се реализира преку едно вакво централно и оперативно тело. Според анализите со сегашната форма на организирање и работа на водостопанствата биле забележани слабости од повеќе аспекти: системски, технички, финансиски, орагнизациски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков истакна дека на јавната расправа денеска имало вредлог центаралата на АД Водостопанство да биде во внатрешноста на Р.Македонија се со цел да им биде подостапно на земјоделците. Тој посочи дека сите предлози внимателно ќе бидат разгледани и ќе бидат земни во предвид.

Според Цветков со новото АД ќе се создадат подобри услови за најавените обемни инвестиции во водостопанството и ефикасно ќе се задоволуваат потребите на земјоделците.

- Водостопанството е едно од главните гранки во земјоделството. Без вода нема земјоделие, односно колку има повеќе вода, толку се поголеми приносите. Предлог-законот ќе стапи во сила откако ќе заврши јавната расправа и се очекува тој да биде завршен до крајот на годината, нагласи Цветков.

Сегашниот систем на водоснабдување опфаќа 12 водостопанства кои покриваат 93.000 хектари површини за наводнување и 90.000 хектари за одводнување.

Со креирањето на ова централно друштво се очекува да се надминат дисбалансите, да се остварат услови за размена на стручни и технички знаења и заедничка стратегија за развој.

Според предлог –законот оваа друштво би имало една централа, а останатите 12 водоводни претпријатија во Македонија ќе прераснат во оперативни единици- придружници. Доколку има потреба во регионите каде што нема формирани водостопанства или истите се нефункционални дополнително би се формирале нови подружници.

10.09.2014 - 13:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега