Втора инвестиција на „Гришко“ во Македонија, нови 200 вработувања

 

Компанијата „Гришко“ презадоволни од првата инвестиција во Македонија, поточно во Слепче, донесоа одлука уште еднаш да инвестираат во нашата земја.

Втората фабрика ќе ја градат во Демир Хисар.

Премиерот Никола Груевски денеска оствари средба со челниците на компанијата, кои му ги соопштија деталните планови за новата инвестиција.

Министерот за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески, по средбата откри дека почетокот на градбата на новата фабрика ќе се случи во почетокот на месец октомври.

-Во првата своја фабрика „Гришко“ вработи 82 лица, кои во моментов работат на производство на обувки. Во фабриката која денес ја најавуваме ќе бидат вработени околу 200 лица. Се очекува следната година втората фабрика да започне со работа, а во меѓувреме ќе бара работници кои дополнително ќе ги обучи, истакна Павлески.

Николај Гришко е задоволен од капацитетите на фабриката која ја отвори во Слепче, која ја нарече „современа фабрика со одлични услови“.

Работниците во фабриката во Македонија работат во најсовремени услови.

-Министерот Павлески ни предложи да изградиме и втор објект, за кој ви ветувам дека брзо ќе биде отворен. Со ова се надевам дека моето вложување во Македонија ќе заврши успешно. Ние работниците треба да ги учиме и обучуваме од нула, бидејќи тие немаат искуство за ваков вид на производство, истакна Гришко.

Сопственикот на компанијата истакна дека досега има инвестирано 1 милион евра, но посочува дека средствата не се најважни во случајов, бидејќи тој инвестирал во развој на Република Македонија.

-Јас за првпат се наоѓам во земја во која не е спомната корупцијата. Вие имате уникатна Влада. Денес премиерот Груевски иако е повреден дојде на средбата со мене и затоа му искажувам нему и на целата Влада посебна благодарност за помошта, додаде Гришко.

Оваа компанија е број 1 бренд во светот.

10.09.2014 - 13:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега