Седница на координативното тело на градоначалници на Скопје

Евиденцијата и наплатата на данок на имот, поставувањето времени објекти и поставувањето урбана опрема, регулациските планови, се дел од темите на 12. седница кои денеска ги разгледувало координативното тело на градоначалници на Град Скопје.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски информираше дека наплатата на данок за осум месеци е зголемена за 12 проценти во однос на минатата година и појасни дека програмата за поставувањето времени објекти и урбана опрема што ја подготвува градот Скопје е при крај.

- Програмата за две опшини веќе е направена, тоа се општините Центар и Гази Баба, а на останатите општини ќе им бида доставена за да дадат свои видувања и корекции. Се надеваме дека на Советот во октомври ќе биде изготвена оваа програма и по нејзиното донесување ќе воведеме ред во поставувањето на времените објекти и урбаната опрема во Скопје, истакна Трајановски.

За регулаторските планови, градоначалникот информираше дека на следниот совет ќе бидат усвоени шест, а до крајот на јануари следната година ќе бидат донесени сите регулациски планови кои што се согласно новиот ГУП.

- На седницата дискутиравме и за набавка на садници. Градот Скопје секоја година набавува и ги дава на граѓани, куќни совети, институции, а имаме и план за садење 2.017 дрвја по булеварите од кои половина ги завршивме во пролетниот период, а останатите ќе се посадат во зима, рече Трајановски.

На координативното тело се дискутирало и за изработка на атмосферски канализации на улиците кои се во надлежност на општините, а градоначалниците биле информирани за преземените мерки за десетте кризни точки од поплавите.

10.09.2014 - 15:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега