Европа ниже лоши резултати- економската иднина неизвесна
Дека Европа од економско заздравување повторно е на прагот на нова криза и рецесија, потврдуваат многу фактори. На ниво на Европската унија, економијата во вториот квартал не покажа никаков раст, јавниот долг континуирано расте, невработеноста никако да се намали, па е стационирана на болни 11,5%. Ваквата состојба е катастрофална според аналитичарите, најмногу поради тоа што следува после четири квартали незадоволително заздравување од последниците од финансиската криза проследена со високо ниво на јавен долг, анализира Лидер.
И покрај преземените реформи, долгот на земјите од еврозоната порасна блиску 94%, а на ниво на ЕУ достигна 88% од БДП. Стариот континент ниже лоши економски показатели, истовремено притискајќи ја Русија со нови санкции. Досега најсилната економска алка, Германија, забележа пад на БДП-то од 0,2 проценти за втората половина од годинава и севкупно послаб резултат од очекуваниот, а Италија западна во трета рецесија. И економиите од Централна Европа, кои досега беа предводнички на европското забрзано заздравување, се соочуваат со тешкотии. Во Полска, најголемата економија во овој регион, во август втор месец по ред паѓа индустриското производство, а во Чешка и Унгарија дополнително забавува. Земјите од овој регион дополнително се соочуваат со пад на економската активност поради бавното опоравување на еврозоната и влијанието на украинската криза.
Аналитичарите предупредуваат дека некои параметри укажуваат дека Европската унија може по трет пат да се најде во рецесија, по негативните стапки кои се остварија како резултат на светската економска криза во 2008 и европската должничка криза во 2010 година.
Како ќе влијае новата криза врз Македонија?!
Заради економската поврзаност на земјите од Југоисточна Европа со ЕУ, ефектите од претходните кризи силно се почувствуваа кај земјите од регионот, вклучително и во Македонија. Но, како може да влијае новата ситуација врз македонската економија?!
Експертите прогнозираат дека може да се почувствуваат минимални последици, иако Македонија имаше најдобри резултати на регионално и европско ниво. Препорачуваат внимателно следење на ситуацијата во Европа и навремена реакција.
„Она што може и што силно и се заканува на ЕУ нема во голема мера да ја загрози Македонија, меѓутоа дека може да дојде до одредени повреди, тоа е секогаш извесно. Ние треба да се трудиме со сите расположливи инструменти тие повреди да бидат што помали“, вели Томе Неновски, универзитетски професор.
Неновски смета дека остварувањата во овој период ни даваат оптимизам дека ние успешно ќе се соочиме со таквите предизвици и дека на некоја начин сме, и психолошки и материјално подготвени да пречекаме уште една економска криза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа