Денеска во Струга се одржува велосипедската трка „Бела ди супра“
Во организација на велосипедскиот клуб „Соларис“ и извидничкиот одред „Крсте Јон“ од Струга денеска ќе се одржи третиот велосипедски маратон „Бела ди супра“ во чии рамки ќе се реализира и крводарителска акција.
Маратонот, како што информира претседателот на велосипедскиот клуб „Соларис“ Коста Хиохи, ќе се вози од Струга преку селата Вишни, Горна Белица, Караула „Три шилка“ до Радожда.
- Идејата беше да се промовираат убавините и природните ресурси на Струга и Струшкиот регион. Имаме голема посетеност, околу 200 велосипедисти најавија дека ќе дојдат. Некои се во недоумица поради времето, но се надеваме дека ќе послужи и бројот да биде над 200, изјави Хиохи.
Генералниот секретар на „Соларис“ Маријан Лазарески информира дека патеката е долга 14 километри.
- До селото Горна Белица се вози по асфалт, од тука поминуваме на сингл патека направена од мешавина земја и чакал. По таков пат се спуштаме до Радожда покрај Охридското Езеро, појасни Лазарески.
Со поддршка на Црвениот крст од Струга ќе се реализира и традиционалната крводарителска акција под мотото „Автомобилите бараат крв, велосипедистите ја даруваат“, каде се очекува да бидат собрани над 70 крвни единици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа