Земјоделци, заштитете се од временски непогоди- осигурајте се

 

Европа Ре- друштво за реосигурување одговорно за имплементација на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики го претстави новиот производ за индексно осигурување на остварените приноси од посеви во Македонија, наменет за продажба преку домашните друштва за осигурување.

Новото осигурување овозможува заштита на земјоделците од сите видови катастрофални ризици предизвикани од природни временски појави како што се сушата, поплавите, мразот, поројните врнежи, град и друго, кои имаат влијание на пошироките области т.е. општини и можат да предизвикаат намалување на приносите на земјоделски култури или нивно уништување.

-МЗШВ, неколку години по ред ги охрабрува и финансиски ги помага земјоделските производители да ги осигураат своите посеви од временски неприлики. Откако оваа Влада почна со субвенционирање на осигурувањето, фармерите се повеќе размислуваат како полисите да ги прилагодат на сопствените потреби, а осигурителните компании како да го доближат до корисниците, изјави заменикот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

-Се работи за уникатен пристап во осигурувањето во земјоделството, преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Исплатите на оштетените побарувања ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели со што дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на брзина при исплатата на штетите. Со тоа, земјоделците добиваат дополнителна сигурност, истакна денес Климе Попоски, Претседател на Совет на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Иновативната програма стартува со полиси за осигурување на приносите на есенската пченица и јачменот, а наскоро на земјоделците ќе им биде понудено осигурување на пролетната пченка и винското грозје.

15.09.2014 - 12:28
Фото: 
kurir


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега