„Водовод“ ќе ја плаќа каматата на сметките што доцнат

Доставата на сметките за потрошена вода на „Водовод и канализација“ неколку месеци доцни во населбата Kозле по вина на нивните курири. Жителите се жалат дека проблемот со доставата трае од мај, а каматата што претпријатието ја пресметува во следната сметка за неплатената сметка во претходните месеци секогаш е редовна. Велат дека горе-долу каматата изнесува 50-ина денари за вода и за ѓубрарина бидејќи двете комунални давачки се споени во една месечна сметка. 

Граѓаните се жалат дека, иако е септември, сметките за јули и за јуни се уште не ги добиле, а за август, која им стасала, е со пресметана камата за оние сметки што не ни добиле. Жителите се револтирани поради ваквата ситуација и тврдат дека цело лето на вработените во „Водовод“ им се јавувале и по неколку пати за да прашаат што е проблемот и за да им испратат копии, пишува Дневник.

Од „Водовод“ го потврдија постоењето на проблемот со доцнењето на сметките. Ветија дека тие ќе бидат доставени набрзо, со нејасно објаснување дека каматата ќе падне на товар на претпријатието. Не објаснија како тоа ќе биде регулирано бидејќи каматата е веќе пресметана во августовската сметка, која жителите веќе ја имаат добиено во своите сандачиња, а некои и ја платиле.

 

  - Kорисниците од Kозле ги немаат добиено сметките за месеците јуни и јули и ќе ги добијат во наредните неколку дена. До крајот на септември треба да дојдат за да ги намират, со тоа што камата ќе биде на товар на претпријатието. Инаку, камата се пресметува заклучно со денот на плаќањето - изјавија од одделението за односи со јавност при „Водовод и канализација“

16.09.2014 - 22:49


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега