Стартува снимањето на филмот „Три дена во септември“

Денес на железничката станица во Драчево  треба да биде снимена првата клапа од филмот „Три дена во септември“, дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски, кој заедно со Игор Иванов го напиша сценариото.

Продукцијата „Скопје филм студио“ и дел од екипата најавија современ, психолошки трилер, студија на два женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми.

Покрај Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, во актерската екипа се и Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е  на Александар Пејовски.

Идејата за филмот е од пред три години, а дејството се случува во само три дена од каде произлегува и насловот. 

Буџетот на филмот не е затворен и се очекува да биде над 300.000 евра. Од Агенцијата за филм проектот доби 200.000 евра, максимален износ за поддршка на дебитантски филм, а со 49.000 евра учествува партнерскиот продуцент - „Иконе студио“ од Косово.

Филмот ќе се снима 20 дена на локации на Преспанското Езеро, паркот Јасен и во Скопје.

 

22.09.2014 - 09:29


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега