По цели 48 години Енвер од Турција ја најде својата сестра во Македонија

По цели 48 години на помалиот брат му се насмевна среќата. Многу солзи, но во исто време и голема радост. Енвер Ѓулшан од Турција, инаку со потекло од Росоман, денеска за прв пат се сретна со својата дванаесет години постара сестра Ѓулиза Идризи која живее во Тетово.

 

Средбата се случи во Росоман. И двајцата плачеа како мали деца и низ солзи си раскажуваа за животот и пропуштеното. Потоа се радуваа, воздивнуваа и пак плачеа. И не само тие, братот и сестрата, туку и останатите што присуствува на трогателната средба.

 

Улогата на детектив во целата приказна ја имаше градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов. Тој сам се согласил да му помогне на Енвер да ја пронајде сестрата, за која само знаел дека живее во Македонија.

Додека од очите на Ѓулиза течеа солзи, а таа и не се обидуваше веќе да ги брише, раскажуваше како никогаш не се ни посомневала дека има полубраќа. Рече дека  до вчера животот го минувала сама, а од денеска срцето и е полно со љубов и со браќа. Ѓулиза и Енвер постојано се прегрнуваа. Се чудеа како со години живееле раздвоено и не знаеле еден за друг.

Нивниот татко на времето бил полицаец кој во тогашна Југославија работел на висока позиција. Се развел од мајката на Ѓулиза кога таа имала само една година, а подоцна се оженил со осумнаесет години помладата мајка на Енвер која потекнува од Босна. Росоман го напуштиле во 1959 година.

 

„Полицаецот од Росоман во Турција почина на 75 години, но желбата да ја сретне својата ќерка ја понесе со себе. Сега јас ќе ја гушкам и за него“  ни рече Енвер кој освен сестрата Ѓулиза има уште пет браќа со кој водат семеен бизнис во Турција, во Измир и Јеникен.

22.09.2014 - 18:07


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа