„Летале" на улиците - 17 сообраќајки за еден ден во Скопје

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно 17 сообраќајни незгоди. Од нив, пет се со последица материјална штета и 12 со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле осум возачи на патничко моторно возило, двајца сопатници, двајца велосипедисти и еден возач на товарно моторно возило.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се седум возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај, 11 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, четворица возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, 22 возачи кои ги управувале своите возила по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола и 20 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 53 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска со почеток од 11 до 13 часот во организација на ЈУ „Детски културен центар Карпош“ ќе се одржи трка со ролери наречена „Возиме во иднина“. Во оваа трка ќе учествуваат ученици од сите основни училишта во Градот Скопје. Трката ќе започне на бул. „Илинден“ од пред фонтаната во Градски парк и ќе се движи до крстосницата од бул. „Илинден“ со ул. „Никола Тесла“ кај „Паркови и зеленило“ и назад. За време на одвивање на оваа спортска манифестација од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за регулирање, а по потреба и пренасочување на сообраќајот. 

 
Денеска во времето од 9 до 13 часот на крстосниците од ул. „Пролет“ со ул. „11 Октомври“, бул. „Кочо Рацин“ со ул. „11 Октомври“, бул. „Крсте Мисирков“ со бул. „Кузман Јосифоски Питу“ и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ со ул. „Беласица“ ќе биде реализирана обука за физичка регулација на сообраќајот на кандидатите за полициски службеници. Обуката ќе биде реализирана од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај и Центарот за обука при МВР. Апел до возачите да бидат претпазливи, толерантни и да ги почитуваат знаците што ќе ги даваат полициските службеници. 

23.09.2014 - 09:13


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега