ЕУ испраќа администратор за хрватската економија

Европската комисија идниот месец, а најдоцна во ноември, ќе започне формален надзор над спроведувањето на препораките кои ~ се дадени на Хрватска на почетокот од летото поврзани со програмата за реформа и макроекономска нерамнотежа. Индиректно мерката се однесува и на општата состојба на економијата и постапката на прекумерниот дефицит, иако формално тие постапки не се поврзани. Подготвеноста и волјата на хрватската влада за спроведување на препораките комисијата ќе ги види и преку нацрт-буџетот за следната година, пишува хрватски „Јутарњи“.

Токму анализата на буџетот е и почетокот на фазата за изработка на нови процени и препораки кои комисијата редовно ги дава на земјите-членки во рамките на европскиот семестар. Европската комисија и понатаму ја смета за средина која е неповолна за инвестиции и за бизнис. Европската банка за обнова и развој ги снижува прогнозите, а процените се дека оваа година Хрватска ќе заврши без раст на БДП.

Можноста за користење на европските фондови и другите поволности, кои ги носи членството во ЕУ, не ~ помогнаа на Хрватска да го запре падот и да го промени трендот кон раст. Оваа недела за тоа ќе се расправа и во Загреб каде што ќе пристигне Сервас Дерус, заменик-директор на општата управа за економски и финансиски работи на ЕK, а неговото доаѓање, според „Јутарњи“, е некој вид вовед. Инаку, станува збор за европски претставник кој беше задолжен и за надгледување на шпанските мерки во времето на најголемата криза. Тој ќе учествува на конференцијата организирана од претставништвото на ЕK во Загреб посветена на европскиот семестар и предизвиците за Хрватска, а во расправата ќе учествува и Бранко Грчиќ, потпретседател на хрватската влада, задолжен за регионален развој и европски фондови.

Kога пред три месеци ги објави резултатите од спроведеното детаљно преиспитување, комисијата заклучи дека во Хрватска постојат прекумерни макроекономски нерамнотежи за кои е потребно посебно следење и силно политичко дејствување. Kога комисијата во јуни објави два документа за состојбата на хрватската економија и буџетските движења, во нив се зборуваше позитивно за мерките што Хрватска ги презема во рамките на постапката на прекумерен дефицит, но загрижувачка беше анализата на економската ситуација. Таа анализа ги опишува големите слабости на општеството, а дадени се и препораки што треба да се направи за да се подобри состојбата. Kомисијата барала мерките за консолидација да бидат детални и да не бидат привремени. Хрватската влада во јули донесе мерки и рокови за исполнување на препораките, на што во последно време забрзано и работи, па можеби тоа е причината зошто во Брисел размислуваат да го одложат надзорот до ноември. Иако во ЕK е време на транзиција, а новите комесари, ако с` оди по планот, треба да ги започнат мандатите од први ноември, тоа не влијае на работата на службите кои следат како Хрватска ги исполнува обврските и постапките во врска со прекумерниот дефицит и препораките од европскиот семестар.

„Индекс“: Македонија е поконкурентна

 

Хрватската влада на последната листа на глобална конкурентност, која секоја година ја објавува Светскиот економски форум, според трошењето, со оценка 2,2, го зазеде високото 129 од вкупно 144 места, пренесе хрватски „Индекс“. Оценките се рангирани од еден до седум, што е најдобро, а државите се подредени од оние што најразумно управуваат со државните пари до оние што најлошо го прават тоа. Македонија има оценка 3,8.

Во однос на ефикасноста, хрватската влада има оценка 2,5, а Македонија 3,9. Според оптовареноста на бизнисите со владини регулативи, Хрватска е на 141. место со оценка 2,2. Во однос на транспарентноста, хрватската влада има оценка 3,3, за независност на судството има 3,2, за работата на институциите е 3,6, за етичноста и отпорноста на корупција 3,1, за имунитет на плаќање на црно и мито 4,0, а за доверба во политичарите 2,0. Македонија и во овие полиња има повисоки оценки.

23.09.2014 - 10:01


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега