Семинар за арт-терапија кај деца со посебни потреби

Семинар на тема „Основи на арт-терапијата и примена кај деца со посебни потреби“ ќе се одржува денеска и утре во хотел „Аполонија’ во Гевгелија, во рамки на проектот финансиран од Европската унија „Програма за целосна социјализација на децата со посебни потреби во нивните заедници" кој го спроведуваат Фондацијата „Аполонија“ од Гевгелија и Македонското научно здружение за аутизам.

- Арт-терапијата е форма на психотерапија која не се интересира за естетиката на произведеното од страна на детето во процесот на работа, туку целта е да му се помогне на детето да направи одредена промена, да ја развие личноста како и својот потенцијал. Оваа терапија е средство кое непосредно влијае и го олеснува процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби во рамките на редовните училишта, соопшти организаторот. 

Ова ќе биде осми настан од серијата 11 семинари/работилници кои се дел од проектот и се посветени на прашањата поврзани со децата со посебни потреби. Предавачи на семинарот ќе бидат претставници на Бугарската асоцијација по арт-терапија.

Проектот е финансиран од Европската унија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права со 77.000 евра. Главната цел на проектот е да се зголеми социјалната интеграција и развојот на децата со посебни потреби во четири општини од југоисточниот регион: Гевгелија, Дојран, Валандово и Богданци.

23.09.2014 - 10:26


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа