Странците не можат да одолеат на македонското овошје и зеленчук
Расте извозот на прехранбени производи, а истовремено се намалува увозот. Ова го покажуваат последните податоци на Народната банка. Најмногу се извезува свежо овошје и зеленчук, но истовремено расте и извозот на месната индустрија, пишува Лидер.
Вкупниот извоз на прехранбени производи во првите шест месеци од 2014 година достигна 107,8 милиони долари, што претставува раст од 9,1 милион долари споредено со истиот период минатата година, кога е извезена храна во вкупна вредност од 98,7 милиони долари. Тоа процентуално е зголемување за 9 %. Најголем раст на извозот на прехранбени производи во првите шест месеци од годинава има кај месото и преработките од месо, каде што се извезени производи во вкупна вредност од 16,2 милиони долари, што е зголемување од нешто над 5 милиони долари споредено со извозот од 11 милиони долари во истиот период минатата година.
Ова значи дека прехранбената индустрија станува една од водечките извозни гранки во државата коментираат агроекономистите.
-Силно влијание врз порастот на извозот има преработуивачката индустрија во земјата која што мислам дека во целина ќе биде еден од иницијалните фактори за вкупниот пораст на економијата во претстојниот период. Особено значајно е ако се има предвид дека во тие производи од преработувачката индустрија има висок процент на т. н додадена вредност што во крајна линија ќе се манифестира врз целокупната стапка на пораст на БДП до крајот на оваа година. Извозот се зголемува како резултат на се поголемата заинтересираност на странските пазари за купување на наши производи, вели универзитетскиот професор Томе Неновски.
Раст на извозот на храна има во сите сектори на прехранбената индустрија.
Извозот на живи животни од јануари до јуни е поголем за 100.000 долари на вкупно 727.000 долари за шест месеци. За 1,1 милион долари е зголемен извозот на млеко и млечни производи и јајца, каде што според податоците на Народната банка, во првото полугодие се извезени производи во вкупна вредност од 4,1 милион долари. Мало зголемување има кај извозот на овошје и зеленчук, но оваа ставка вредносно има најголемо учество во извозот на прехранбени производи. Во првите шест месеци на странските пазари се извезени овошје и зеленчук во вкупна вредност од 55,8 милиони долари, што е за 200.000 долари повеќе споредено со првите шест месеци лани. Извозот на жито и житни култури, пак, која е втора по големина ставка во статистиката, гледано според вредноста на извезени производи, во првото полугодие од 2014 година бележи зголемување од 1,3 милиони долари на вкупно извезени житни култури во вредност од 17,5 милиони долари.
Домашните производи го подобруваат својот квалитет
Во Сојузот на земјоделците на Македонија велат дека зголемениот извоз се должи на се повисокиот квалитет на прозиводите што го имаат домашните фармери.
-Трговците се постојано на терен, купуваат и извезуваат. Можеби македонските граѓани ќе плаќаат за нијанса повисоки цени на земјоделските производи, но ова е единствен начин да се пласира нашиот род, бидејќи Македонија е мал пазар и нема капацитет да го апсорбира целото производство, вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.
За 200.000 долари е зголемен извозот на шеќер и преработки од шеќер на вкупно извезени 3,1 милион долари, додека извозот на кафе, чаеви и зачини е поголем за 400.000 долари на вкупно извезени производи од 3,6 милиони долари за шест месеци годинава.
На исто ниво од почетокот на годината е извозот на добиточна храна, кој изнесува околу 400.000 долари, покажуваат статистичките податоци на Народната банка.
Се намалува увозот на храна
Од друга страна, се намалува увозот на храна, а вредносната разлика меѓу увозот и извозот се повеќе се намалува. Во првите шест месеци од годинава се увезени прехранбени производи во вкупна вредност од 167,7 милиони долари, што е намалување за 4,7 милиони долари споредено со првите шест месеци од 2013 година, кога е увезена храна во вредност од 172,4 милиони долари.
Увозот на месо и преработки на месо, кој, вредносно гледано, има најголем удел во вкупниот увоз на прехранбени производи, е намален за 3,2 милиони долари на вкупно 38,5 милиони долари за шест месеци. Намалување за 1,5 милиони долари има кај увозот на млеко и млечни производи, кој во првите шест месеци достигна вкупно 15 милиони долари. Увозот на риби и преработки на риби е помал за 1,1 милиони долари, на вкупно 6,6 милиони долари, додека кај житата и преработките од жито, која е втора ставка по вредност на увоз во прехранбената индустрија, увозот за шест месеци е помал за 3,6 милиони долари на вкупно 24,6 милиони долари. Статистиката на Народната банка за првите два квартали од годинава покажува дека единствено има зголемување на увозот кај овошјето и зеленчукот, но споредено со извозот, вредноста е двојно помала. Така, во првите шест месеци се увезени овошје и зеленчук во вредност од 23 милиони долари и е зголемување за околу 3 милиони долари, споредено со истиот период од 2013 година.
На исто ниво е увозот на шеќерот и преработките од шеќер како и кафето, чаевите, и зачините. Така во првото полугодие увозот кај шеќерот изнесува 10,1 милион долари, додека кај кафето и чаевите и зачините изнесува 18,9 милиони долари. Мало намалување од околу 300.000 долари има кај увозот на добиточна храна, кој за првите шест месеци достигнал 8,1 милион долари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа