Исполнето барањето: Продолжен рокот за регистрација и легализација на земјоделска механизација

 

На барање на земјоделците, Владата на последната седница одлучи да го продолжи рокот за легализација на тракторите и тракторските приколки и рокот за поднесување на барања за регистрација за истите.

Рокот за поднесување на барање за легализација на земјоделската механизација започнува да важи од денес во 31. декември годинава. 

-По добивањето на барањето самиот суд издава предлог решение за легализација кое го испраќа до Министерството за земјоделство кое е должно во рок од три дена да го испрати до своите подрачни единици. Откако тие ќе го добија предлог решението, самите подрачни единици истото го поставуваат на огласна табла и доколку во период од 30 дена, некое лице не го оспори предлог решението, подрачната единица го известува судот, кој издава конечно решение за легализација, истакна портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

По однос на регистрацијата на земјоделската механизација, продолжениот рок започнува да тече од денес до 30 јуни 2015. Согласно процедурата, сопствениците на трактор или тракторска приколка треба да поднесат барање на регистрација до овластените технички служби каде ќе се врши хомологација.

По издадената согласност за регистрација, заедно со доказот за сопственост, лицето кое поседува земјоделска механизација го поднесува барањето на регистрација до МВР, најдоцна до крајот на јуни идната година.

Согласно законот, за нерегистрирана земјоделска механизација предвидени се глоби од 500 евра за физички и од 1.500 до 2.000 евра за правни лица.

Досега поднесени се над 25.000 барања за легалзација и над 15.000 барања за регистрација на трактори и тракторки приколки.

24.09.2014 - 14:37


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега