Попоски се сретна со Венизелос - не гледа интерес кај Грција да се реши спорот за името

Македонскиот министер за надвореши работи Никола Попоски синоќа за време на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. По средбата, Попоски изјави дека го изразил интересот на Македонија за наоѓање на решение на спорот, и дека од одговорот на Венизелос било јасно дека тоа не е меѓу грчките приоритети.

- Се разбира дека наша страна беше потенциран интересот за суштински разговори за придвижување на процесот. Мислам дека во делот на одговорот немаме никакво изненадување, бидејќи сепак се работи за ситуација во која грчкиот интерес е на исклучително ниско ниво. Беше констатирано дека останува разликата во делот на мотивираност за надинување на наметнатиот спор околу името, односно во Грција таа мотивираност е се уште не прилично ниско ниво, на исклучително ниско ниво. Во другиот дел на разговорот беше изразен интерес дека постои желба кај грчката страна за интензивирање на проекти за билатералана соработка, било да се работи во делот на инфраструктурата, економската соработка, или за заеднички проекти во европски конктекст и во билатерален контекст, изјави Попоски.

 

За спорот за името, министерот рече дека во меѓународната заедница, кај сите фактори, постои исто согледување, дека во овој момент нема мотивација и интерес кај Грција за придвижување напред.

 

- Во таков еден контекст нашиот сосед се чувствува комотно да не вложува напори ниту на тој фронт, ниту пак во делот на евроинтеграциите кои се значајни за целиот регион. Од наша стрна и во текот на оваа и во текот на другите билатерални средби изразивме подготвеност да работиме на сите полиња, но сметам дека од ваквиот застој е значајно да се потенцира дека цената паѓа на Републка Македонија. Нашата блокада, која ни е наметната и во НАТО и во ЕУ, со прекршување на меѓународното право, е нешто што треба да предизвика интерес и кај другите земји кои имаат влијанеи врз овој процес, истакна Попоски.

 

Министерот ги појасни и ставовите со кои македонските претставници настапуваат во разговорите околу идентитетските прашања, конкретно отворени по неодамнешната изјава на идниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли. Попоски рече дека од негова страна, во разговорите во Њујорк, се посочува дека Македонија не може да прифати да се нарушува правото на самоидентификување на македонските граѓани Македонци.

 

- Македонскиот јазик е во групата на словенски јазици, исто како полскиот, чешкиот, српски и други. Во секоја од овие земји живеат етнички Пољаци, Чеси, Срби, и истите не ги именуваат како словени, а нивните јазици не се нарекуваат словено-полски, словено-чешки, словено-српски. Исто така факт е дека еден наш сосед има политика на дискриминација и негирање на етничките Македонци и истите ги нарекува меѓу другото и словени, а македонскиот јазик го нарекува и славо-македонски. Во заедница на држави кои држат до човековите права и на меѓународниот поредок, не може да се прифати насилство врз правото на себеидентификување, изјави Попоски.

 

За влијанието на изјавата на Бејли врз американско-македонските односи, Попоски потенцираше дека се работи за старо, стратегиско партнерство кои опстојува.

- Нашите односи со САД се долгорочни, и така и се однесуваме. Американци и Македонци стоеле рамо до рамо за време на кризата во 1990ите во поранешна Југославија, Американци и Македонци одеа човек покрај човек во Ирак и во Авганистан. Така и ќе продолжиме, партнерски против тероризмот кој е закана што не се однесува само против нив, туку и за сите нас. Исто така и ќе застанеме заедно и за човековите права и дигнитет, за владеење на меѓународното право, за мирна и стабилна идниан, наша, во регионот и пошироко, изјави Попоски, кој во Њујорк имаше повеќе средби со американски дипломатски претстаници, кои појаснија дека изјавата на Бејли не претставува некакво менување на американскиот став кон Македонија или кон македонскиот идентитет.

MIA

27.09.2014 - 10:08
Фото: 
канал5
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега