Аеродром најатрактивен за изградба на згради
Во текот на минатата година во Македонија биле изградени 6.528 станови, што е рекорд од 2009 година наваму. Во 2012 биле изградени 6.433 станови, во 2011 – 5.254, во 2010 – 5.152, а во 2009 – 4.710 станови.
Ова е резултат на тоа што домашните и странските инвеститори го гледаат главниот град со најголем интерес во инвестирањето во недвижности наменети за домување.
Најатрактивна дестинација според изградените станови е Општина Аеродром која е на првото место со изградени 830 станбени единици, на ниво на Скопје, а веднаш зад неа следуваат Карпош и Центар, пишува Build,mk.
Кога станува збор за региони, по скопскиот следуваат полошкиот со 1.078 и југозападниот регион со 737 изградени станови.
Според статистика, минатата година имало зголемена ефикасност во градежништвото, во делот на градба на станбени објекти.
Во денеска објавениот годишен извештај се наведува дека продажната цена на становите минатата година била најмала во рамки на временскиот период 2009 – 2013 година и истата е заокружена на 46.825 денари од метар квадратен. Минатогодишната цена на становите е намалена за дури 4.800 денари од метар квадратен, ако се направи споредба со 2009 година.
Од вкалкулираната просечна цена за еден метар квадратен, инвеститорите одвоиле 32.438 денари на трошоците за градење, 11.483 денари на трошоците за набавка, подготовка и комунално опремување на земјиштето, додека за другите трошоци биле потрошени во просек по 2.904 денари. Објавените податоци се однесуваат на оние станбени згради кои се изградени од деловните субјекти како инвеститори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа