„ОДВ Електрик" ќе започне со производство до крајот на годината

 

Германската компанија „ОДВ Eлектрик“ напролет ќе гради  производна хала на површина од 10.000 метри квадратни во Слободната трговска зона помеѓу Струга и Охрид, каде планира отворање на 1.000 работни места. Инвеститорот веќе почна пробно производство во погон во Охрид, каде  вработи 25 лица, а до крајот на годината планира ангажман на стотина. Испораката на првите производи од Македонија, според најавата, ќе биде кон крајот на годинава  или почетокот на наредната.

Динамиката и активностите за реализација на инвестицијата на германската компанија ја претставија денеска на прес-конференција директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, извршниот директор на „ОДВ Електрик“ Лудвиг Батон, извршниот директор на „ОДВ Електрик“ за Македонија Огнен Цубалевски и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Според Мизо, веќе е извршена адаптацијата на пробната производна линија во постоечки објект во Охрид, во која веќе работат 25 вработени, кои шест седмици минаа во производство погон на „ОДВ Електрик“ во Украина, каде се произведуваат истите производи што ќе се произведуваат во новиот погон во Македонија. Предвидено е до крајот на оваа година во „ОДВ Електрик“ работа да најдат стотина лица од охридско-струшкиот регион.

Извршниот директор на „ОДВ Електрик“ Батон изрази задоволство од работните вештини и обученоста на веќе ангажираните работници во фирмата, како и од поддршката што како инвеститори ја добиваат од сите институции во Македонија.

Според Цубалевски, пробната производствена линија во Охрид е привремено решение, а главната инвестиција ќе биде во Слободната трговска зона кај Струга, чија изградба ќе почне напролет идната година.

- Досега компанијата има инвестирано вкупно 600 илјади евра за првата производствена линија, со очекување дека до крајот на годината ќе заврши пробното производство. Крајот на годинава и почетокот на идната година ќе почнеме со првите комерцијални аранжмани односно со испорака на производи од Македонија до нашите клиенти, истакна Цубалевски.

Тој најави реализацијата на главната „грин-филд“ инвестиција во новата зона меѓу Охрид и Струга да отпочне напролет и да се одвива модуларно, во неколку фази, и тоа само во првата фаза да се инвестираат околу четири милиони евра.

- Со целосното завршување на инвестицијата предвидено е да имаме производствена хала од околу десет илјади метри квадратни со околу илјада вработени. „ОДВ Електрик“ инвестира тука пред се поради поволните услови што Македонија ги нуди за инвестирање. Секако и постојната побарувачка за производите на германската компанија, наведе Цубалевски.

Градоначалникот на Охрид Бакрачески истакна дека ова е прва странска инвестиција во Охрид, за која изрази уверување дека ќе претставува првиот импулс во развојот на локалната економија и ќе создаде услови за креирање нови работни места.

- Како локална самоуправа сме силно посветени кон напорите на Владата за олеСнување на условите за реализација на вакви инвестиции во Охрид. Подготвени сме да ги исполниме сите обврски што ги презедовме заедно со Дирекцијата за ТИРЗ за поддршка на инвестицијата, и во иднина ќе продолжиме со поддршката, со цел да направиме и олеснување и забрзување на постапките што се во наша ингеренција за што полесно да се реализираат слични инвестиции во градот, рече Бакрачески. 

01.10.2014 - 14:05

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега