Џонсон Мети очекува извоз од 900 милиони евра до крајот на годинава
Извоз од 800 до 900 милиони евра очекува да оствари компанијата Џонсон Мети во Македонија за 2014 година, но не за долго време неговата вредност ќе надмине и една милијарда, вели главниот извршен директор на Џонсон Мети, Роберт Меклауд кој предводи делегација од членови на Управниот одбор на компанијата со седиште во Велика Британија, во посета на нивната фабрика лоцирана во ТИРЗ Бунарџик крај Скопје.
- Работите течат добро, сепак тоа ќе зависи од условите на пазарот. Но, плановите за раст на компанијата се одвиваат според очекувањата, рече Меклауд на вчерашната прес-конференција во просториите на фабриката и додаде дека се задоволни од резултатите што ги добиваат од инвестирањето во Македонија.
Во однос на идните бизнис планови на компанијата, Меклауд вели дека тие во голема мера ќе зависат од случувањата на европскиот пазар на автомобили и со законодавството во автомобилската сфера.
- Во моментов пазарот на автомобили работи доста добро, но се очекува нова легислатива и од неа ќе зависи дали и понатаму ќе го прошируваме производството или не. Ако новата легислатива е прифатлива и продолжи растот на пазарот на автомобили тогаш фабриката во Македонија е еден од нашите клучни капацитети за кои бордот ќе одлучува за идни чекори, рече Меклауд.
Инаку, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо информира дека денеска пред претставниците на бордот на Џонсон Мети била одржана и презентација на инвестициските можности на Македонија со оглед дека голем дел од членовите на бордот се неизвршни членови, односно не работат директно за Џонсон Мети, туку за други компании.
- Од таа гледна точка многу е важно да се види нивниот потенцијален интерес и компаниите во кои тие работат за да ја имаат предвид Македонија како потенцијална дестинација за инвестирање, вели Мизо.
Високата делегација од Џонсон Мети во вторникот се сретнала со премиерот Никола Груевски и со други претставници од земјава и, велат, се задоволни од бизнис условите како и од поддршката од Дирекцијата за ТИРЗ и од другите владини институции.
Задоволни се и од понудата на работната сила. Има недостиг во однос на кадри од областа на автоматиката и инжинерството, но, како што нагласуваат, со обука луѓето се оспособуваат со потребните вештини.
Во моментов во фабриката во Бунарџик, која е нивна најголема прозводна единица во светот, работат 540 лица, но се очекува до крајот на годината нивната бројка да се зголеми на 650.
Во врска со нивната втора инвестиција работите се одвиваат според планираната динамика и со трошоци под предвидениот буџет, рече Меклауд.
Извозот од ТИРЗ Бунарџик за првите осум месеци изнесуваше околу 760 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа