Мирче Адамчевски: Сами да се регулираме, за друг да не не регулира

 

Советот за етика на медиумите, преку комисијата за жалби ќе биде тело кое ќе се обиде професионалноста на новинарството да ја постави како приоритет во функционирањето на медиумите. Иницијативата за саморегулација, што преку ова тело влегува и во Македонија, иако засега многумина ја гледаат како “донкихотовски чекор”, има иднина, убеден е првиот претседател на оваа комисија, долгогодишниот новинар, Мирче Адамчевски. Тој во интервјуто за Прес24, тврди дека ова тело нема да дозволи никави политички влијанија, ниту од власта, ниту од опозицијата.

- Во право сте кога прашувате за влијанијата врз ова тело, но лично јас ќе се залагам, а тоа верувам ќе биде и од другите членови на Комисијата, да создадеме углед во јавноста како професионално тело, на кое таа ќе му верува. Што се однесува за времето да се стекне доверба во телото, само еден пример. Во БиХ, првите години жалбите се броеле на прстите од едната, па потоа на двете раце за цела година. Годинава само за шест месеци до нивниот Совет за печат стигнале над 140 жалби. Но тој Совет за печат постои десет години, со кус прекин. Така што, тука е одговорот на прашањето околу време потребно да стекнеме доверба, да ја сочуваме, и сомнежот во неговата работа да биде сведен на минимум, вели за Прес24, Адамчевски.

Македонското новинарство, вели Адамчесвки почнува да тоне по рушењето на владата на Никола Кљусев, од како што тој ја нарекува, тогашната коалиција СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ. На македонското новинарство му трева враќање на довербата во јавноста, вели Адамчевски.

- Јас не се сомневам дека новинарите тоа не можат да го направат. Прашање е колку и дали ќе сакаат. Овде е мошне важна поддршката од сопствениците на медиумите. И тие да го осознаат значењето на ова тело. Мислам дека секој сопственик во медиум би сакал наместо да оди на суд, непрофесионалноста на своите уредници или новинари да ја стави пред Комисијата за жалби и на тој начин да избегне ригорозна казна од илјадници евра, вели во интервјуто за Прес24, претседателот на комсијата за жалби.

- Дилемата е дали да се саморегулираме или некој да не регулира? Историјата вели дека за ова се воделе долги дискусии, особено за печатените медиуми. Во една западна земја, со висока демократска традиција и свест, владата дури им рекла на издавачите на весници и на новинарските асоцијации, или саморегулирајте се или ние ќе ве регулираме, вели Адамчевски, потенцирајќи дека процесот на саморегулација го поддржува и владата.

- Овде би нагласил дека основањето на СЕММ беше поздравено и од владата на Република Македонија низ зборовите на министерот Иво Ивановски. Така што, легитимитетот е со длабоко засаден корен, кој треба да се негува за да зацврсне, вели Адмачевски за Прес24.

Мошне важно е вели, тој да се знае дека жалбата може да се поднесе против одреден медиум. Жалби против поединечни новинари не може да се поднесуваат.

-Токму ова последново ја прави разликата меѓу Советот за етика во медиумите и советите или судовите на честа во новинарските здруженија, во ЗНМ и МАН, доколку ги има, вели Адамчевски.

Иако во Советот за етика на медиумите членуваат голем дел од медиумите, сепак добар дел и не се членови. Комисијата ќе ги разгледува и жалби против медиуми кои не се членови на СЕММ.

-Процедурата и за овие жалби е иста како онаа што се применува за членките на СЕММ,  со таа разлика што наместо одлука, Комисијата донесува мислење за случајот. Доколку медиумот не е членка на СЕММ и не сака да соработува со СЕММ, тогаш СЕММ донесува мислење за жалбата врз основа на достапните информации, појаснува Адамчевски.

 

ПРЕС24: Неодамна беше формирана комисјата за жалби како тело кое треба да биде еден вид саморегулација во медиумите. Вие сте претседател на таа комисја, што точно ќе работи ова тело?

АДАМЧЕВСКИ: Комисијата за жалби ќе ги разгледува сите пристигнати жалби поврзани со кршење на професионалните и етичките стандарди во пишаните (печат и новински агенции), електронските (ТВ и радио) и во интернет медиумите во Македонија. Анонимните жалби нема се разгледуваат. Мошне важно е да се знае дека жалбата може да се поднесе против одреден медиум. Жалби против поединечни новинари не може да се поднесуваат. Токму ова последново ја прави разликата меѓу Советот за етика во медиумите и советите или судовите на честа во новинарските здруженија, во ЗНМ и МАН, доколку ги има.

ПРЕС24:  Како во пракса би функционирал целиот тој процес од понесување на жалба, па до финална одлука?

АДАМЧЕВСКИ: Доколку некој смета дека во одреден медиум е објавен текст или прилог кој е во спротивност со новинарската етика, тој ќе може да поднесе жалба до Комисијата писмено, преку Извршната канцеларија на СЕММ. Жалба поврзана со објавените содржини во медиумите може да поднесе секој граѓанин, правни лица и други претставници на јав­но­ста, вклучувајќи ги и новинарите. Битно е што жалба може да се поднесе против одреден медиум. Жалби против поединечни новинари не може да се поднесуваат. Жалба може да се поднесе во рок од еден месец,  откако  е објавен новинарскиот текст или прилог.

Извршната канцеларија на СЕММ е должна да испита дали жалбата е во рамки на надлежностите на Советот. Доколку жалбата не е во надлежност на СЕММ, Извршната канцеларија, може да ја одбие жалбата и да го извести подносителот за причините поради кои е одбиена.

Комисијата за жалби е должна да ги разгледа сите жалби за кои е надлежна да решава, барајќи од поднесителот на приговорот, како и од медиумот против кој е поднесена жалбата, да ги достават сите неопходни факти и информации.

Претходно, Извршната канцеларија, во зависност од сложеноста на предметот, може да иницира еден вид медијација, односно помирување на страните во спорот, како и да побара медиумот да го искористи своето право на одговор на подносителот на жалбата, односно да ги образложи своите мотиви и аргументи зошто го објавувил прилогот или текстот. Комисијата за жалби има рок од еден месец да се произнесе по предметот, освен доколку не постојат оправдани причини за продолжување на рокот. Одлуката која ја донела Комисијата за жалби  треба да му се испрати на  медиумот. Комисијата констатира дали се повредени етичките начела или не.

Прекршителот ќе треба да ја објави одлуката на место кое е определено од страна на Комисијата, а од своите членови објава на одлуката. Објавувањето е бесплатно во сите медиуми, членки на СЕММ.

Важно е што Комисијата ќе разгледува и жалби против медиуми кои не се членови на СЕММ. Процедурата и за овие жалби е иста како онаа што се применува за членките на СЕММ,  со таа разлика што наместо одлука, Комисијата донесува мислење за случајот. Доколку медиумот не е членка на СЕММ и не сака да соработува со СЕММ, тогаш СЕММ донесува мислење за жалбата врз основа на достапните информации.

Своите одлуки и мислења, Комисијата за жалби ги објавува на веб-страницата на СЕММ и испраќа соопштенија до сите медиуми, членки и нечленки, на СЕММ.

ПРЕС24:  Од каде идејата за овој вид на саморегулација? Има ли искуства од други држави?

АДАМЧЕВСКИ: Идејата за саморегулација доаѓа од предизвикот да се стави рампа пред непрофесионалните новинари и медиуми. Дилемата е дали да се саморегулираме или некој да не регулира? Историјата вели дека за ова се воделе долги дискусии, особено за печатените медиуми. Во една западна земја, со висока демократска традиција и свест, владата дури им рекла на издавачите на весници и на новинарските асоцијации, или саморегулирајте се или ние ќе ве регулираме. Оттука и ден денес некои саморегулаторни тела го задржале својот назив Совет за печат, иако денес најчесто ги опфаќаат и сите други видови медиуми. Лидери во саморегулацијата, според традицијата се скандинавските земји, но не заостануваат и држави од западна Европа. Во некои од нив саморегулаторните тела бројат десетици, десетици години. Во тие земји со демократска традиција, саморегулацијата денес е доведена до совршенство, но новите предизвици и таму прават таа постојано да се унапредува. Земете го примерот со Велика Британија и случајот со медиумите на Мардок. Во моментов Европската асоцијација на саморегулаторни тела има речиси четириесетина членки. Покрај скандинавските, попознати саморегулаторни тела се британскиот ОФКОМ и германскиот Пресерат. Овде со жалење ќе кажам дека Македонија е последната земја од регионот во која што се основа вакво саморегулаторно тело. Работите во земјите каде што се формирани овие тела, пред се во земјите во транзиција, не секогаш дозволуваат „спокојна“ работа на телата. Од различни причини, финансиски, политички и сл. Некои тела ја прекинуваа, па ја возобновуваа својата работа. Некои се во мирување. Инаку, ние во подготовките за основање на ова тело ги црпевме искуствата од Норвешка, Германија,Босна и Херцеговина, Косово, од Кавкаската мрежа на саморегулаторни тела...Најблизок ни беше, според многу показатели, босанскиот Совет за печат.

ПРЕС24:  Која е целта на едно вакво тело? И мислите ли дека тоа ќе има ефект?

АДАМЧЕВСКИ: Целта ви ја кажав на почетокот од овој разговор. Етика, етика, етика... Но, еве сега кога го имаме тоа тело, да се обидеме да ги заштитиме граѓаните и јавноста од непрофесионалните новинари и медиуми, да им помогнеме на сопствениците на медиумите да го избегнат ризикот да плаќаат баснословни казни, поради нивниот непрофесионален уреднички и новинарски кадар, и да си помогнеме себе си, на новинарската заедница, со јавна осуда на оние кои не водат грижа за етиката во новинарството. Јас знам дека во денешни услови во Македонија ваквата цел некои ќе ја наречат донкихотовска. Но, тоа не ни дава за право да не се обидеме да направиме чекор во насока да ги одвоиме професионалците од непрофесионалците. Ќе кажам, кај нас во моментов нема амбиент за таков чекор, но што ако се седи со скрстени раце? Тоа им одговара на оние кои што го создаваат тој амбиент. Затоа, веќе еднаш треба да се почне да се работи.

ПРЕС24:  Од каде ќе го црпи легитимитетот ова тело? Што станува со новинарите, медиумите кои не се членови на ова условно кажано регулаторно тело?

АДАМЧЕВСКИ: Не ми е јасен вториот дел од прашањето во кое велите „условно кажано регулаторно тело“. Тоа не е воопшто регулаторно. Ниту по суштина, ниту условно кажано. Станува збор за најчист вид саморегулаторно тело. Легитимитетот е добиен пред девет месеци на основачкото собрание на СЕММ на кое беа претставници на сопствениците и новинари од неколку национални телевизии, радија, национални весници, десетици локални и регионални радиодифузери, на интернет портали, на новинарски здруженија и медиумски организации. Најголемиот број од нив се основачи-членови на СЕММ. Тоа е базата од која се црпи легитимитетот. Мене ми е жал што на основачкото собрание не дојдоа и други медиуми, но вратите на СЕММ се отворени за секој медиум. Па доколку некој сака нека се обрати до СЕММ и ќе стане негов член. Овде би нагласил дека основањето на СЕММ беше поздравено и од владата на Република Македонија низ зборовите на министерот Иво Ивановски. Така што, легитимитетот е со длабоко засаден корен, кој треба да се негува за да зацврсне.

ПРЕС24:  Како финансиски ќе опстои ова тело? И дали неговото финансирање во иднина може да значи и напуштање на основата поради која е создадено?

АДАМЧЕВСКИ: Претходно ви зборував за проблемите на некои тела, кои поради финансиски причини ја прекинуваа својата работа, па повтроно ја возобновуваа. Со такви проблеми се соочуваат некои саморегулатори во државите во транзиција и ден денес. Што се однесува до нашето тело, според статутот, предвидено е да го фианансираат основачите. Но знаејќи ја ситуацијата со финансиите на медиумите, СЕММ за почеток ќе се обрати  за финансирање со пари од земји членки на ЕУ- донатори. Исто како што се финансираат проекти во државата со средства од ИПА фондовите, така постојат фондови во некои членки на ЕУ за разни намени во областа на медиумите, па и здруженијата како што е СЕММ. Како што се прават проекти за користење средства од ИПА, така се прави и проект за користење на средства од некоја европска држава-донатор, која го оценува и се согласува да го финансира или го одбива. Примерот од БиХ е мошне поучен. Нејзиниот Совет за печат веќе години на ред се финансира со средства доделени од Норвешка и од Германија. Српското тело деновиве доби голем грант од Норвешка, на повик на кој аплицираа десетина асоцијации. Првите години на овој начин ќе се финансира и СЕММ. Во некои држави тие се финансираат од државата, во Германија 40 проценти,   а во други со пари што ги издвојува медиумската индустрија,  Холандија и Шведска, или по пола да партиципираат сопствениците и новинарите, како што е во Норвешка, а во Швајцарија финансирањето е само од новинарите. и сл. Во земјите во транзиција во првата фаза на развој на саморегулацијата во најголем дел главна улога играат меѓународните донатори.

ПРЕС24:   Досега во Македонија честопати постоеја обиди за некакви саморегулации, но речиси секогаш тоа се претвараше во оцрнување на новинарите за потребите на некоја политичка структура. Колку вакво тело може навистина да биде независно, неоптерертено од политички влијанија?

АДАМЧЕВСКИ: Во Македонија досега имало обиди за саморегулација, поточно да се формира такво тело. Но до пред девет месеци, кога се формираше СЕММ, таквите обиди беа неуспешни. Македонскиот институт за медиуми работеше на саморегулацијата пред десет години. Во 2009 повторно се наврати на неа. Но дури после собирот во Маврово, во октомври 2011 година, на кој беа присутни претстаници на речиси сите медиуми и медиумски здруженија, кога во усвоениот Акциски план се вгради  неопходноста од создавање на саморегулаторно тело во државава, работите почнаа да се движат во посакуваната насока. Се формираше работна група од ЗНМ и МИМ, која практично ги постави темелите на новото тело, а на почетокот од годинава тоа и се формираше.  Во право сте кога прашувате за влијанијата врз ова тело, но лично јас ќе се залагам, а тоа верувам ќе биде и од другите членови на Комисијата, да создадеме углед во јавноста како професионално тело, на кое таа ќе му верува. Се надевам дека нема да ја изневериме нејзината доверба.

ПРЕС24:  Поларизираноста на македонското новинарство е реалност, тоа впрочем го констатираше и Европската комисија во последниот извештај. Но, колку во таква ситуација реално може да се оддоле на политички и економски, бизнис вилјанија на одредени структури за да се постигне еден европски стандард на новиратсво во Македонија.

АДАМЧЕВСКИ: Треба да се почне да се работи. Никој нема волшебно стапче и во миг да ги смени работите во македонското новинарство. Ниту саморегулацијата е тоа волшебно стапче. Она што се напластувало со години, после сменувањето на владата на Никола Кљусев од страна на коалицијата СДСМ - ВМРО-ДПМНЕ, откога почна партизацијата на државата и неминовно на медимите во неа, слој по слој треба да се отфрла. Од година во година одиме се подолу и подолу. За почеток треба да се прекине со партизацијата. Во Маврово ги детектиравеме проблемите и ги констатиравме состојбите. Доволно е да се навратиме на Акцискиот план и точка по точка да го реализираме, ако сакаме да одиме кон, како што велите, европски стандард на новинарството во Македонија. А за тоа ќе биде потребно време и би додал, политичка воља пред се, независно за која власт да се работи.

ПРЕС24:  Саморегулацијата беше изоставена од законот за медиуми и оставена како процес кој треба да го направи самата новинарска фела. Има ли капацитет македонската новинарска фела тоа да го постигне. Никој не очекува дека тоа ќе се случи преку ноќ, но колку време е потребно да се дојде до тоа, сомежот кон ова тело да биде сведен барем на минимум?

АДАМЧЕВСКИ: Токму тој факт што саморегулацијата не се споменува во медиумските закони дава надеж, но, е и обврска работите да ги земеме во свои раце. Јас не се сомневам дека новинарите тоа не можат да го направат. Прашање е колку и дали ќе сакаат. Овде е мошне важна поддршката од сопствениците на медиумите. И тие да го осознаат значењето на ова тело. Мислам дека секој сопственик во медиум би сакал наместо да оди на суд, непрофесионалноста на своите уредници или новинари да ја стави пред Комисијата за жалби и на тој начин да избегне ригорозна казна од илјадници евра. Впрочем, самиот факт што голем број медиуми станаа основачи на телото го потврдуваат тоа. Што се однесува за времето да се стекне доверба во телото, само еден пример. Во БиХ, првите години жалбите се броеле на прстите од едната, па потоа на двете раце за цела година. Годинава само за шест месеци до нивниот Совет за печат стигнале над 140 жалби. Но тој Совет за печат постои десет години, со кус прекин. Така што, тука е одговорот на прашањето околу време потребно да стекнеме доверба, да ја сочуваме, и сомнежот во неговата работа да биде сведен на минимум. Се надевам само дека нема да чекаме десет години тоа да се случи

05.10.2014 - 11:13

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега