Ставрески: На крајот од октомври првите решенија за отпис на долговите

 

На крајот од месец октомври започнува доделувањето на првите решенија за отпис на долговите.

Очигледно дека последиците од светската и европската криза оставија трага врз регионот, па граѓаните во еден дел не можат да ги исплатат сопствените обврски. Токму затоа, еднократно, како помош за најранливите категории граѓани ја дизајниравме оваа мерка, ја предложивме во програмата, граѓаните ја прифатија и ние сега ја реализираме, вели во интервју за МРТ, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Досега се поднесени 33.200 барања за отпис на долговите, а според вицепремиерот, првите решенија за отпис се очекуваат при крајот на овој месец.

- Интересот е голем, како што и очекувавме. Граѓаните масовно ја искористија можноста да поднесат барење, а заклучно со вчерашниот ден, 33.200 барања се поднесени низ цела Република Македонија. Во сите градови има интерес, најмногу во Скопје, се разбира заради големината на главниот град, но исто така и во другите градови, Прилеп, Тетово, Битола… секаде низ Република Македонија имаме голем број на граѓани кои се заинтересирани за проектот и веќе имаат поднесено барање. Очекуваме и во следниот период да биде тоа така.

Ставрески истакна дека ќе се отпишуваат долгови што се направени заклучно со 31 декември 2013-та година, а се однесуваат на електричната енергија, долгови кон Македонската радио-телевизија за радиодифузна такса и долгови кон банките направени врз основа на негативни салда на тековни сметки и потрошувачки кредити и картички, како и долговите за парно греење, во градовите каде што има снабдување со парно.

Постапката е следна: Граѓанинот треба да отиде во Центарот за социјални работи во населеното место каде што живее, да пополни еден наједноставен формулар, да напише каков вид на долг има и во која категорија на граѓани спаѓа, во однос на тоа дали ги задоволува условите на Законот. Да потсетам, можност да им се отпишат долговите имаат граѓаните што се приматели на социјална помош, граѓаните што се невработени и активно бараат работа подолго од 12 месеци и семејствата во кои поради смрт, тешка болест или инвалидитет на еден од брачните другари се случило да не можат повеќе да ги плаќаат обврските.

Овие граѓани поднесуваат барања во Центрите за социјални работи, потоа Центарот го доставува тие барања до владината комисија, која потоа ги обработува. Што значи тоа- ги собира информациите од различните институции, од Агенцијата за вработување потврда дека граѓанинот е невработен, од УЈП потврда дека нема дополнителни приходи, ги споредува тие податоци со податоците кои граѓанинот ги дал, ги споредува со податоците кои стојат кај ЕВН, Банките и слично, и доколку се се поклопува ќе се донесе решение за отпис на долгот. Очекувам некаде во втората половина, при крајот на октомври да ги донесеме првите решенија за отпис на долговите.

07.10.2014 - 09:06
Фото: 
нетпрес


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега