Сарачини: Владата ќе продолжи со реформскиот однос кон економијата
-Во претстојниот период како Влада ќе продолжиме со реализација на својот реформски однос кон економијата. Нашите приоритети на кус и на среден рок, првенствено, ќе бидат насочени кон зголемување на конкурентноста на фирмите, поттикнување на нивното производство и зголемување на стапката на вработеност, истакнува министерот за економија Ваљон Сарачини во интервју за МИА.
- Меѓу позначајните мерки е изградбата на хидроцентрали (мали и големи), поттикнување на изградба на сончеви колектори и на ветерници со цел зголемување на производството на домашна електрична енергија и намалување на нејзината цена. Продолжуваме со проектот „Регулаторна гилотиња“, во кој учествуваат речиси сите министерства, во насока на отстранување на новопојавените и/или новолоцираните административни бариери за бизнисот, посочува Сарачини во интервјуто.
Континуиран процес, додава, е и реконструкцијата на постојната и изградба на нова патна и железничка инфраструктура, односно т.н. капитални буџетски инвестиции, како силен поттикнувач на производството, трговијата и извозот на стоки и услуги, за брза и ефектна комуникација меѓу фирмите.
- Во претстојниот период ќе преминеме на воведување т.н. „едношалтерски информациски систем“, кој е планиран да биде во рамки на Министерството за економија, чија цел ќе биде собирање и доставување на сите потребни податоци и информации до сите заинтересирани домашни и странски инвеститори, а ќе се продолжи и со намалување на стапките на социјалните придонеси веднаш по завршувањето на светската економска криза, што ќе ги намали трошоците на фирмите и ќе ја поттикне нивната побарувачка за работна сила, додава Сарачини.
Нагласува дека во тек е и засилена реализација на веќе преземените и преземање дополнителни мерки за постепено менување на структурата на работната сила согласно барањата на пазарот на труд.
- Ќе се продолжи и со натамошно засилување на финансиската дисциплина на економските субјекти, преку воведување фискални сметки секаде каде што во минатиот период било пропуштено или не било можно нивно воведување, како и веќе споменатото воведување систем на брз стечај и/или ликвидација на трајно неликвидни или несолвентни фирми, додава Сарачини.
Во интервјуто за МИА министерот за економија се осврнува и на мерките и политиките на Владата и на Министерството за економија за подобрување на бизнис климата во Македонија, измените на законските решенија кои придонесуваат за подобрување на конкурентноста на бизнисите, измените на законите за едношалтерски систем, за трговските друштва и за минерални суровини, забрзувањето на стечајната постапка,.