КОНКУРС: Како да изгледаат охридските плажи

 

Mинистерството за транспорт и врски објави конкурси за изработка на идејни архитектонско - урбанистички решенија за уредување на 1.560 метри плажи на Охридско Езеро.

Со конкурсот се опфатени пет локации:  „Студенчишко блато“, (до хотел Парк)  со должина од 700 метри, „Љубаништа“  - 500 метри, како и „Далјан“,  „Извиднички камп“  и „Лагадин “, сите  со должина од по 120 метри. 

Рокот за поднесување на идејните решенија за плажите на Охридско Езеро е до 11 часот на 7 ноември. Најдобрите решенија ќе бидат избирани по пат на јавна анкета на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Според Министерството за транспорт, основно начело при изработка на архитектонското-идејно решение, треба да претставува концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на одделни обележја, кои се јавуваат како специфични за тој регион.  

Потребно е, соопштува ресорното Министерство, на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Сервисниот пункт на плажите треба да опфати шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Просторот за капење во езерото треба да биде обележан со бови заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување. Местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа, а треба да се предвидат места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

Елементи по кои ќе се оценуваат и рангираат доставените идејни решенија се оригиналност и иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата за лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност и читливост на идејата на проектот.

- Изработките на идејни архитектонско - урбанистички решенија за уредување на овие плажи на Охридско Езеро претставува основа за натамошно уредување согласно современите туристички стандарди, како би можеле во текот на туристичката сезона да бидат подготвени сите предуслови за пречек на туристите, информира Министерството за транспорт и врски.

07.10.2014 - 12:26
Фото: 
вест


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега