Понеделник - последен рок за барања за отпис на долговите
Понеделник е последниот рок кога граѓаните од ранливите категории може да поднесат барање за отпис на долговите. Продолжување на рокот ќе нема, а надлежните ги повикуваат граѓаните што ги исполнуваат условите да ги посетат центрите за социјална работа и да поднесат барање. Досега се поднесени околу 34.000 барања, а првите решенија се очекуваат меѓу 20 и 25 октомври. Заклучно со вчерашниот ден, како што инфомираа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, доставени се околу 34.000 барања. Најголем дел, 11.000 се во Скопје, во Куманово има 4.500, а следуваат Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица со поднесени меѓу 1.600 и 2.600 барања.
- Уште пет дена има до крајниот рок, 13 октомври во 1 часот и 30 минути. Апелирам до сите граѓани да не чекаат до последниот ден бидејќи ќе има гужви, ќе има нервози. Подобро е уште денес или утре да ги посетат центрите за социјални работи во нивните населени места, да го пополнат едноставниот формулар со внесување основни податоци, а сето друго подоцна комисијата ќе го направи преку обезбедување документација по службена должност, порача министерот Ставрески.
Потенцира дека поднесените барања потврдуваат оти мерката е добро дизајнирана и насочена кон ранливите категории на кои ќе им се отпишат долговите и ќе им се помогне да се опорават.
- Интересот на граѓаните во сите населени места за овој проект е извонреден, согласно очекувањата. Имаме 33.857 барања заклучно со вчера и тоа покажува дека мерката е добро дизајнирана, насочена кон оние на кои им е најпотребна. Тоа се најранливите категории граѓани на кои еднократно ќе им се отпишат долговите и на тој начин да им помогнеме во решавање на животните предизвици и да можат полесно понатаму да се справуваат со предизвиците што ги донесе светската и европската криза, изјави министерот Ставрески.
Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа