Интернет портал за Ацо Шопов

По повод 70 години од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија  – стихозбирката „Песни“ од Ацо Шопов денеска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе биде промовиран повеќејазичниот интернет портал „Лирскиот дом на Ацо Шопов“.

Промоцијата на порталот, каде голем дел од творештвото на Шопов и критичките осврти за него се достапни и на француски, шпански и германски јазик ќе ја отвори деканот на Факултетот Славица Велева. За поетот ќе говори раководителот на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности Весна Мојсова-Чепишевска, а содржините на порталот ќе ги претстави носителот на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, препејувач и ќерка на поетот, Јасмина Шопова.

Иницијативата за порталот е на  Ролан Кајзер, директор на издавачката куќа „PHI“ од Луксамбург и на ќерката на Шопов. Ова е прв портал посветен на македонски автор и е од големо значење за современата македонска култура, бидејќи овозможува во дигитална форма, на едно место, обемен материјал од и за еден од авторите чиј творечки опус е вграден во естетската вертикала на современата македонска поезија да биде подостапен за сите почитувачи, но и за сите сегашни и идни проучувачи, толкувачи и препејувачи на неговото творештво.

„Лирскиот дом на Ацо Шопов“ ќе биде збогатуван со нови содржини - препеви и преводи и на други јазици, како и нови толкувања и вреднувања на поетскиот опус на Шопов.

08.10.2014 - 09:47


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега