Млад скопјанец ја „одрал“ УЈП

Финансиската полиција ја продолжи акцијата започната  пред десетина дена при што уапси уште еден измамник за ДДВ кој без никаква деловна активност ја олеснил Управата за јавни приходи за 100.000 евра.

Уапсениот М.Х(25) од Скопје, преку фирмата СЕВЕР КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје во која бил пријавен како управител и преку фирмата АЛМЕС ТРЕЈД ДООЕЛ Скопје управувана од турски државјанин, ја измамил Управата за јавни приходи и издејствувал поврат на наводно влезно ДДВ при што од касата на државата си подигнал 100.000 евра. Потпомогнат од третопријавениот С.Џ(37) ја искористил фантом фирмата СЕВЕР КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје која во конкретниот период немала никаква деловна активност и до Управата за јавни приходи доставил фалсификувани ДДВ пријави во кои прикажал невистинити податоци за влезниот промет, за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои не постои никаква документација.

Истата шема М.Х ја применил и со фирмата АЛМЕС ТРЕЈД ДООЕЛ во која како управител се јавува извесен М.К(43) државјанин на Република Турција. И за оваа фирма која исто така била наменски отворена за вршење на криминални активности, пријавените за периодот 2012-2013 година изготвиле фалсификувани ДДВ пријави со кои ја измамиле Управата за јавни приходи во однос на влезното ДДВ кое е предмет на поврат.

Тројцата пријавени ја оштетиле Република Македонија за сума од приближно 100.000 евра заради што до Основното јавно обвинителство против нив е поднесена кривична пријава за кривично дело „Измама“, „Помагање“ и „Фалсификување и уништување деловни книги“ казниви по Кривичниот законик на Република Македонија.

 

08.10.2014 - 12:17


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега