Македонија има капацитет за победа над Италија

 

Со дуелот меѓу женските ракометни селекции на Македонија и Италија утре во Скопје стартуваат квалификациите за Светското првенство 2015 година. Овие две селекции заедно со Исланд се наоѓаат во групата Ц, каде единствено ќе се игра по принципот дома - гости, додека во другите три групи во квалификациите ќе се игра турнирски. Само првопласираната репрезентација од групата Ц ќе избори место во баражот.

Селекторот Ристо Магдинчев верува во успешен почеток и победа над Италија.

- Верувам дека имаме капацитет да ја совладаме Италија. Го респектирам секој противник, а имав можност да видам и неколку натпревари на противникот кои ги одигра последниов период. За разлика од претходниот циклус каде игравме со Германија и со Русија сега сме поискусни за еден циклус квалификации, а што е исто така важно поголем број ракометарки играат во странство и очекувам тоа да се одрази и врз квалитетот на репрезентацијата, рече Магдинчев на денешната прес-конференција.

Откако неколку ракометарки ја завршија репрезентативната кариера Зорица Десподовска заедно со Елена Ѓорѓиевска се бековите околу кои се темели нашата игра.

- Квалитетот е на наша страна и верувам дека ќе стигнеме до победи на двата дуела со овој противник.Сите гледаат на нас како на големи фаворити, но морам да кажам дека Италијанките исто така напредуваа во последните години, изјави Десподовска.

Проблем за селекторот Магдинчев е повредата на лигаментите на скочниот зглоб на Јована Саздовска, која нема да настапи.

Натпреварот Македонија – Италија се игра утре со почеток во 17 часот и 45 минути, а влезот во салата Кале е слободен, што е добра можност за полна сала и поддршка за македонските ракометарки.

08.10.2014 - 15:00


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега