Колку одобренија за градење се издадени во август?
Во август годинава се издадени 155 одобренија за градење, што е за 10,7 проценти повеќе во однос на август лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Предвидената вредност на објектите, според издадените дозволи, изнесува 904.534.000 денари што е за 54,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Најмногу одобренија, 44, во август се издадени во Скопскиот регион, каде Општина Центар издала 15, Карпош и Петровец по 8, Чучер Сандево 6.... По Скопскиот следат Полошкиот регион со 33, Источниот со 23, Југоисточниот со 16, Пелагонискиот со 14, Североисточниот со 9 одобренија за градење.
Од вкупниот број издадени одобренија, 100 (64,5 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 11 (7,1 процент) за нискоградба и 44 (28,4 проценти) за објекти за реконструкција. Кај 114 објекти (73,5 проценти) инвеститори се физички лица, на 41 објект (26,5 проценти) деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 165 станови, со вкупна корисна површина од 15.327 метри квадратни, бележи Статистика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа