Со новите законски измени компјутерски ќе се следи производството на тутун и откупот
Компјутерско евидентирање и следење на целокупното тутунско производство, на договорите и на откупот, побрзо и поефикасно регистрирање фирми кои сакаат да откупуваат тутун, како и поефикасна заштита на тутунопроизводителите, се само некои од целите на предлог-измените на Законот за тутун и тутунски производи што денеска го поминаа првото читање пред собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, пренесува МИА.
Како што рече ресорниот заменик-министер Ванчо Костадиновски образложувајќи го текстот, измените се и во насока на ефикасно спроведување на испитот за добивање лиценца за проценка на тутун, како и подобрување на контролата на обработениот тутун и тутунските производи.
- Се предлага законски основ за воспоставување електронски систем, компјутерска евиденција со софтверско решение за компјутерско следење на пријавени, евидентирани и договорени површини и количини тутун по производители, откупувачи, по типови на тутун за секоја реколта. Оваа евиденција е од особена важност заради следењето и контролата на тутунските површини, производство и договори за откуп, превентивна заштита од двојни и тројни договори, како и избегнување на манипулации со исплатата на тутунот и субвенциите, истакна Костадиновски.
Со измените, додаде, се нудат и решенија за заштита на производителите од манипулациите при договарањето на откупот.
- Се предлага и измена на одредбата која се однесува на соодветен документ од банка и негово прецизирање со банкарска гаранција и изјава од откупувачот. Целта е брзо и ефикасно решавање на случаите кога во досегашната пракса одредени откупувачи, бидејќи нема реализиран тутун (продажба/извоз на тутун), не вршеа исплата на тутунопроизводителите според склучените договори за откуп, објасни заменик-министерот.
Заради регулирање на обврските на откупувачот и на производителот на тутун за време на откупот, се предлагаат обврски и за двете страни. На тој начин, нагласи Костадиновски, ќе се воведе подобар ред во откупот и ќе се избегнат нерегуларностите кои претходните години влијаеја на динамиката на откупот.
Согласно предлогот, предвидено е лабораторијата што ќе врши анализа на квалитетот на тутунот и цигарите да доставува извештај за извршената анализа до Државниот инспекторат за земјоделство, а тој во зависност од резултатите во извештајот да издава уверение за квалитет на обработениот тутун и за квалитет на тутунските производи.
Се предлага и изменување на казнените одредби кои се однесуваат на водењето на книгата за проценка на тутун и книгата за приговори и нивно спојување во една казнена одредба.
Со измените се менуваат и изразите ферментиран и неферментиран тутун во обработен и необработен тутун поради усогласување со царинската терминологија и називите на царински ознаки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа