Заврши најголемиот саем за енергетика во Австрија на кој ЕЛЕМ ја претстави Македонија
Во Виена, Австрија денеска официјално е затворен најголемиот саем за енергетика во Европа „Power Gen Europe“ на кој во изминатите три дена се претставија преку 650 компании од областа на енергетиката меѓу кои и некои од најголемите светски брендови.
Свој штанд во саемскиот дел за промоција на обновливи извори на енергија беше присутна и АД „Електрани на Македонија“ - ЕЛЕМ, единствената македонска компанија која досега се претставила на најголемиот саем за енергетика во Европа.
Ова е трето учество на АД ЕЛЕМ на „Power Gen Europe“, саемот на кој со свои штандови и презентации учествуваат компании од сите континенти. Повеќе од една деценија саемот на едно место ги собира најголемите светски брендови чија основна дејност е производство на енергија, но и компании кои произведуваат опрема за енергетски капацитети.
Пред две години во Милано и лани во Келн штандот на АД ЕЛЕМ го посетија преку 3.000 посетители и се воспостави комуникација со најголемите компании.
АД ЕЛЕМ и годинава на својот штанд преку 3Д визуелизација ги претстави развојните енергетски проекти паркот на ветерни електрани „Богданци“, хидроелектраната „Бошков Мост“, акумулацијата „Луково Поле“, комплексот електрани на Црна Река „Чебрен и Галиште“ и проектот „Вардарска долина“. Дел од овие преоекти се во фаза на реализација, а за дел течат последните подготовки за изведба.
На ланскиот саем „Power Gen Europe 2012“ во Келн, Германија се претставија 630 излагачи меѓу кои и некои од најголемите светски енергетски брендови. Саемот го посетија преку 14.000 посетители. Организаторите на Саемот пред почетокот очекуваа годинашното издание да има поголема посетеност. Посочија дека Виена е избрана за годинешна дестинација за одржување на „Power Gen Europe“ со цел да се мотивираат поголем број компании од Југоисточна Европа да учествуваат со свои штандови и да ги претстават своите проекти.
ФОТО: Денешен