Груевски во „лов" на инвеститори во Лондон

 

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од вечерва престојува во економска посета на Лондон, Велика Британија. На форум, кој во соработка со ФОРБС, ќе се одржи во Лондон, ќе ги претстави можностите за инвестирање во Македонија пред повеќе претставници на значајни компании од различни сфери и области.

Пред потенцијалните инвеститори ќе бидат претставени даночните поволности, добрата бизнис клима, олеснетите административни процедури, инвестициите во инфраструктурата.

Како што соопшти владината прес-служба, ваквите бизнис форуми се дел од заложбите на Владата непосредно да ги запознаат заинтересираните компании и инвеститори со потенцијалот кој го нуди македонската економија и е дел од стратегијата на Владата за привлекување големи компании кои би инвестирале во Република Македонија, а со тоа би го помогнале економскиот развој и би придонеле за отворање нови работни места.

Премиерот Груевски за време на престојот ќе оствари и повеќе одделни средби со претставници на компании кои ја разгледуваат можноста и се заинтересирани за инвестирање во Република Македонија.

Лондон претставува не само европски бизнис центар, туку е дел од светската мапа на големите глобални корпорации чии седишта се сместени во овој град.

Премиерот Никола Груевски во Лондон е придружуван од потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо. 

14.10.2014 - 15:05


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега